viber_image_2025-05-23_16-31-52-974

МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛА ВО МИНАТОТО  И ДЕНЕС – ИЗЛОЖБА ВО БУКУРЕШТ

На 21 мај 2025 година, тим од Државниот архив предводен од директорката, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, учествуваше на отворање на изложба на авторот, професор Каталин Д. Константин, насловена како „Beyond yesterday“. Професорот Константин е антрополог од Универзитетот во Букурешт.
    Изложбата е настаната како резултат на истражувачката мисија на професорот Константин низ селата на Балканот, притоа следејќи ги истражувачките патеки на браќата Манаки. Во изложбата беа вметнати и фотографии од фондот „Браќа Манаки“, кој се наоѓа во Државниот архив-Одделение Битола.

Концептуално, изложбата е изведена како спој помеѓу минатото и сегашноста и  го обработува развојот на дел од селата фотографирани од браќата Манаки, правејќи паралела на панорамски фотографии направени во периодот пред 1905 година (главно во влашките села во ентогеографска Македонија, Епир и Албанија) и нивниот изглед и развој денес. На отворањето професорот Константин ја презентираше заложбата и улогата на Државниот архив во овој проект, а директорката Котлар-Трајкова и архивистите м-р Гоце Стојановски и Димитар Ѓоргиевски го истакнаа придонесот на архивите во ваков тип на соработки и потребата за нивно презентирање кон пошироката јавност.

Тимот од Државниот архив оствари повеќе средби со официјални лица при посетата на Букурешт, и тоа од Архивот при Музејот на селото, Културниот институт на Романија. Претставниците на Државниот архив присуствуваа и се вклучија на предавање за студентите од Универзитетот на Букурешт на тема „Архив и фотографско наследство на браќата Манаки во контекст на социјално-културните процеси на Балканот во периодот пред Балканските војни“.
    Работната посета на Романија отвори перспективи за идна соработка со цел презентирање  заедничко културно наследство во иднина.

viber image 2025 05 23 16 31 53 513
viber image 2025 05 23 16 31 53 249
viber image 2025 05 23 16 31 53 178

Најнови објави