Стручното усовршување и проширување на професионалните знаења на вработените има значајно место во визијата за развој на институционалното работење на Државниот архив. На покана на Центарот за стручно образование и обука како надлежна јавна установа за унапредување на стручното образование, шест вработени од Државниот архив од 4 до 6 јуни учествуваа на тродневна обука за ментори за спроведување практична обука кај работодавци.
Обуката опфати корисни теми, како ефективна комуникација, улогата на менторот во стручното образование, следење и вреднување на ученикот итн. Години наназад Архивот се вклучува во практична обука за ученици од средното образование (поврзана со наставен предмет во гимназиите) и посебно врши архивска едукација за ученици и студенти во насока на поттикнување на интересот кон архивистиката. Архивистите Несрин Лачи, Весна Кузмановска, Лили Саватиќ, Назмије Куртиш, Воислав Цветковски и Ике Крстовска по успешно завршената обука и изработка на семинарски труд ќе бидат сертифицирани архивски едукатори, а во наредниот период ќе се вклучи втора група на вработени во обуката.
Државниот архив јавно се заблагодарува на Центарот за стручно образование и обука за институционалната поддршка.
