Афирмацијата на антифашистичкото минато на Македонија и темелните вредности на кои е создадена современата македонска држава се дел од активната меѓународна соработка на Државниот архив на РС Македонија. Во тој контекст, на покана на Државниот архив на Црна Гора, на 4 септември 2025 година беше свечено отворена изложбата „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“ во изложбениот простор на Министерството за култура и медиуми на Република Црна Гора во Цетиње. Изложбата е заеднички проект на Државниот архив и Институтот за национална историја од Скопје, а како автори се јавуваат директорите проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова и проф. д-р Митко Панов.
На настанот се обрати директорот на Државниот архив на Црна Гора, Данило Мрвалевиќ, кој истакна дека оваа изложба претставува прв чекор кон натамошната соработка меѓу двата архиви и го потврдуваат придонесот на Државниот архив на Црна Гора за зачувување и афирмација на архивското и историско богатство во поширок регионален контекст. Од името на Државниот архив на РС Македонија се обрати д-р Јасмина Дамјановска потенцирајќи дека голема е честа да се афирмира сoпствената историја. Дамјановска додаде дека државотворната историја на македонскиот народ е втемелена преку АСНОМ и затоа јавно се прикажува преку тематска изложба. Материјалот за изложбата потекнува од фондот „АСНОМ“, заведен во Државниот архив на РС Македонија, кој опфаќа 22 архивски кутии.
На отворањето на изложбата присуствуваше дипломатот Наташа Николова од македонската амбасада во Подгорица, архивисти од Државниот архив на Црна Гора, како и граѓани на Цетиње. Настанот беше медиумски покриен од државната Радио-телевизија Црна Гора, а изложбата ќе биде поставена до почетокот на октомври. Во рамките на посетата на Цетиње, делегација на Државниот архив на РС Македонија го посети Државниот архив на Црна Гора при што беше одржана работна средба предводена од домаќинот, директорот Данило Мрваљевиќ. На средбата беа изнесени конкретни идеи за продлабочување на заедничката соработка.




