Меѓународната соработка и културно-просветната дејност на Државниот архив подразбира одбележување значајни датуми од дипломатските односи на независна РС Македонија. За таа цел, вчера во посета на Државниот архив беа Н.Е. Адела Моника Аксинте, амбасадор на Романија, заменик-амбасадор, Вероника Чиолка, при што остварија работна средба со директорот на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, раководителот на Секторот за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување архивски материјал, Светлана Успрцова, раководителот на Одделението за истражување, меѓународна и домашна соработка, м-р Марјан Гијовски.
Тема на работната средба беше поставување на изложбата „Beyond yesterday“ од романскиот професор и антрополог Константин Д.Константин од Универзитетот во Букуреш, чиј домаќин во Скопје ќе биде Државниот архив. Изложбата е настаната како резултат на истражувачката мисија на професорот Константин низ селата на Балканот, притоа следејќи ги истражувачките патеки на браќата Манаки. За изложбата беа користени и фотографии од фондот „Браќа Манаки“, кој се наоѓа во Државниот архив-Одделение Битола. Државниот архив и романската амбасада заеднички го организираат настанот во соработка со НУ Национална галерија. Свеченото отворање на изложбата е дел од одбележувањето 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави. Наскоро граѓаните ќе бидат информирани за сите детали околу поставувањето на изложбата која има сопствена веб-страница https://beyondyesterday.org/over-time/.
Н.Е. Адела Моника Аксинте беше информирана и за соработката меѓу Државниот архив и Националниот архив на Романија како и за можностите за остварување научноистражувачки активности за проучување на историските врски.

