На 17 септември 2025 година, во Битола, во присуство на многубројни претставници од културниот, научно-образовниот и јавниот живот на градот, се одржа промоција на Монографијата посветена на осумдесетгодишнината од постоењето на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Промотор на монографијата беше проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, актуелен директор на Државниот архив на РС Македонија, која истакна дека осумте децении од установувањето на библиотеката, па сè до денешни дни, не се само временска рамка, туку значајна историска вертикала на воспоставување, унапредување и зачувување на македонското културно и писмено наследство.
Автори на овој обемен труд се м-р Емилија Стефановска-Давкова и д-р Анита Ангелевска според кои, монографското издание е создадено со цел да биде не само сведоштво за богатата историја на институцијата, туку и документ кој живее со времето и говори со иднината.

