ruskakolonija

РУСКАТА КОЛОНИЈА ВО СКОПЈЕ (1920-1943), Зборник на документи

ржавниот архив на Република Македонија во текот на 2015 година се збогати со уште една публикација, објавена како зборник на документи со наслов „Руската колонија во Скопје (1920 -1943 год.)“

Зборникот на документи е подготвен во Државниот архив на Република Македонија и претставува резултат на мокотрпна истражувачка работа на научниците и колективот, кој тимски и најстудиозно работеа врз собирање на ретки и автентични историски податоци и сите ги претставија во зборникот на документи посветени на руските граѓани во Македонија. Тие за време на Граѓанската војна биле принудени да ја напуштат Русија и да се населат во Македонија.

Еден од трагичните резултати на Граѓанската војна во Русија беше егзодусот на милиони Руси, кои во тој голем историски пресврт се најдоа расфрлени низ целиот свет. Документите сведочат за едни тешки времиња кога руските бегалци, поединци и цели семејства дојдоа тука и најдоа сигурно прибежиште на македонската територија.

Во формирањето на историската меморија за руската миграција постои една суштинска пречка – отсуство на широка база на извори. Неопходноста од надминување на оваа пречка стана еден од основните мотиви за објавување на зборникот на факсимилни документи „Руската колонија во Скопје (1920 – 1943)”, а воедно е наменет да воведе во науката голем број претходно непознати и неистражувани документи.

Композициски зборникот се состои од три тематски дела.

Првиот дел го сочинуваат претежно документи на Управата на Руската колонија, вториот дел е составен од лични документи на членови на Руската колонија и на руски емигранти кои не биле членови на Колонијата, а во третиот дел се вклучени документи од фондот „Филозофски факултет – Скопје (1920-1941)”.

Рускиот и македонскиот народ имаат долги историски, духовни и културни врски. Руската заедница во Македонија во текот на годините се издигна на високо ниво и се одликува со видни поединци од областа на културата, уметноста, образованието, спортот и науката. Русија отсекогаш била културен и духовен светилник и во неа се образувале и твореле нашите најсветли умови како браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков и многу други наши интелектуалци. Зборникот ќе биде еден чекор напред и вовед во плодната научна соработка во иднина и воедно повод за нови конкретни културни активности во прилог на зацврстувањето на руско-македонско пријателство.

Составувачите на овој зборник на документи имаа цел зборникот да послужи не само за научноистражувачки цели, но и да стане на некој начин книга-спомен за руската емиграција.

Најнови објави