NOVOto-LOGO

Договор за соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Хрватскиот државен архив

На 14 октомври 2015 година во Хрватскиот државен архив во Загреб, Република Хрватска, д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија, потпиша Договор за соработка со директорката на Хрватскиот државен архив д-р Влатка Лемиќ.

Овој Договор е продолжување на традиционално добрата соработка со Хрватскиот државен архив, тој е со валидност во наредниот период од четири години и е веќе четврти договор од ваков вид. Првиот Договор за соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Хрватскиот државен архив е потпишан на 11 јуни 1996 година.

Новиот Договор за соработка со Хрватскиот државен архив предвидува заеднички активности на подготовка на изложби, заеднички публикации, стручни работилници, промоции и предавања. Исто така, врз основа на новиот Договор за соработка ќе се овозможи размена на архивски стручњаци, односно размена на искуства од работата на архивите, а во согласност со законските одредби на двете држави и со цел да се дополнат и комплетираат постоечките архивски фондови со нови извори за историјата на Република Македонија и Република Хрватска ќе се разменуваат информации и ќе се спроведуваат истражувања и размена на копии на архивски материјал.

Врз основа на овој Договор двете страни ќе соработуваат и ќе разменуваат информации од интерес за процесот за сукцесија на архивскиот материјал од поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

Најнови објави