ForumSL

Изложба „Жените и Големата војна“ – отворена во УНЕСКО, Париз (9 април 2019 г.)

Директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија,г. Кирил Петров, на покана на Форумот на словенските култури (www.fsc.si)присуствуваше на отворањето на изложбата „Жените и Големата војна“ во седиштето на УНЕСКО во Париз, како и на партнерскиот состанок за проектот „Together“(„Заедно“).

Изложбата „Жените и Големата војна“ е иницирана на состанокот на Форумот на словенските култури во Варшава, 2019 година и е дел од проектот, наречен „Together“, кој опфаќа изработка на Водич за архивскиот материјал за Првата светска војна во државните архиви од словенските држави и Регистер на архивските установи во државите членки на Форумот на словенските култури.

Во подготовката на изложбата „Жените и Големата војна“ учествуваа осум партнерски институции од словенските држави и тоа: Националниот историски музеј од Белорусија, Државната агенција на архивите на Република Бугарија, Хрватскиот државен архив, Државниот архив на Црна Гора, Државниот архив на Република Северна Македонија, Руската државна агенција за филмска и фото документација, Архивот на Србија и Факултетот за уметност при Универзитетот во Љубљана.

Повод за подготвување на изложбата „Жените и Големата војна“ беше стогодишнината од Првата светска војна (1914 – 1918) и состојбата на жената за време на таа војна, како и петнаесет годишнината од формирањето на Форумот на словенските култури.

Преку документите и фотографиите, претставени на изложбата се наметнува прашањето: „Дали Големата војна допринесе за промената на состојбата на жените и дали војната го наметна поинтензивното ангажирање на жените како работна сила?“. Жените за време на Првата светска војна, но и после нејзиното завршување повеќе не беа гледани само како мајки и домаќинки.

Изложбата ни покажува како жената се носела со воената состојба во рамките на семејството, добротворната работа, бегалските состојби, личните приказни, женските права и еманципацијата.

Секој од архивите од државите учеснички на изложбата подготви по пет изложбени паноа, кој подоцна беа компилирани и отпечатени од страна на Форумот на словенските култури, кој исто така подготви и отпечати каталог за изложбата.

Отворањето на изложбата се случи на 9 април 2019 година во 14:00 часот во седиштето на УНЕСКО во Париз (Salle des Pas Perdus – 7 place de Fontenoy, Paris 7e), а на нејзиното обраќање поздравни говори имаа: Н.Е. Г-дин Андреј Слапничар, амбасадор – постојан делегат на Република Словенија во УНЕСКО; г-ѓа Саније Ѓулсер Корат, директор на одделот за родова еднаквост во УНЕСКО и д-р Андреја Рихтер, директор на Форумот на словенските култури.

На отворањето на изложбата присуствуваше и Н.Е. Г-ѓа Јадранка Чаушевска Димов, амбасадор на Република Северна Македонија во Република Франција.

Изложбата ќе биде изложена во УНЕСКО до 15 април 2019 година, а после тоа истата ќе биде презентирана во земјите членки на Форумот на словенските култури.

Најнови објави