Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески кон крајот на февруари 2020 година оствари работни средби во Националниот архив во Њујорк и истражување на научно-информативните средства за архивскиот материјал во тој Архив, заради лоцирање на документи што се однесуваат на историјата на нашата држава, при што ја посети и работната станица за дигитализација во Националниот архив во Њујорк, која е инсталирана од страна на „FamilySearch (www.familysearch.org), најголема генеолошка организација на светот, со седиште во Солт Лејк Сити, САД.
На 24 февруари, д-р Емил Крстески оствари средба со директорот на овој архив, д-р Крис Гушман, на која стана збор за соработка меѓу двата државни архиви.
За време на престојот во САД, д-р Емил Крстески учествуваше и на „RootsTech“ конференцијата во Солт Лејк Сити, организирана од „FamilySearch“, која е заинтересирана за соработка со Државниот архив и за потпишување на Договор за реализирање на проекти од областа на генеологијата.
FamilySearch International е најголема генеолошка организација во светот, со седиште во Солт Лејк Сити, Јута, САД. Оваа организација е основана во 1894 година како генеолошко здружение на Јута.
Тоа е непрофитна организација, посветена на собирањето, зачувувањето и споделувањето на документи од цел свет, кои се однесуваат на семејните истории.
На нивната веб страница годишно се додаваат околу еден милион документи и во моментов имаат податоци (имиња) за околу 7,4 милијарди луѓе од цел свет.
FamilySearch се партнери со над 10.000 архиви и имаат повеќе од 200.000 доброволци низ цел свет.
FamilySearch работи со иматели на архивски документи со цел да им помогне да ги заштитат граѓанските документи за евидентирање, црковните документи, документите од пописи, воени документи, семејни истории, локалните истории и други видови на документи. Тие овозможуваат онлајн пристап до дигитализираните документи и имаат над 4600 центри за семејна историја во околу 132 држави во светот.
За време на конференцијата „RootsTech“ беше посетена и нивната главна библиотека, која се наоѓа во Солт Лејк Сити.
FamilySearch работи со Националниот архив на Шведска на микрофилмување и скенирање на црковните документи, нивно индексирање и унапредување на геолошкото пребарување во Шведска; со Националниот архив на Белгија, на микрофилмување на документи; Националниот архив на Данска; со Архивот на Република Словенија; со Хрватскиот државен архив и многу други.
За време на конференцијата, д-р Емил Крстески оствари средби со претседателот на ИКАРУС (Меѓународен центар за архивско истражување), г. Томас Аигнер, со заменик директорот на Националниот архив на Данска, со претставници од Националните архиви на Финска, Норвешка, Германија, Франција, Велика Британија, како и со г. Бенџамин Петерсон, директор на одделението за партнерства за дигитализација во Националниот архив на САД, г. Стив Роквуд, директор на меѓународното одделение на FamilySearch и д-р Франк Бишоф, претседател на Државниот архив од Северна Вестфалија.