Наим Фрашери е роден на 25 мај 1846 година, во Фрашер, Пермет (Албанија). Тој бил хуманист, извонреден поет, автор, публицист, преведувач и познавач на многу странски јазици, еден од главните писатели и иницијатори на преродбата на албанскиот јазик и литература. Основно училиште завршил во родниот град, каде што научил стар персиски јазик во бекташкото училиште. Завршил грчка гимназија „Зосимеа” во 1865 година во Јанина, каде што се преселил со семејството. Многу добро ја познавал класичната, грчка и римска литература, култура и филозофија. Ги знаел идеите на француското просветителство и Француската буржоаска револуција. Научил многу странски јазици како турски, арапски, персиски, грчки и француски.
Како службеник и интелектуалец на Отоманската Империја, со високи позиции во османлиската администрација, прв добил дозвола за основање на Првото албанско училиште и за граматиката на Констандин Кристофориди. Учествувал во настаните на албанската лига во Призрен, на состанокот на јужните ограноци на Албанската лига во Фрашер (1878). Автор е на вкупно дваесет и две дела: четири на османлиски јазик, две на персиски, две на грчки и петнаесет на албански јазик. Тој беше првиот преведувач на Куранот на албански јазик. Неговите дела имаат многу богата фразеологија и речник на чистиот народен јазик. Посебно внимание посветувал на човековата свест, моралното издигнување и духовната среќа. Неговите дела ја афирмираат верата и љубовта кон Бога, љубовта кон земјата, народот и човештвото, работата и интелектуалниот развој, еманципацијата на жената, демократското владеење, мирот и пријателството со другите земји. Тој ги почитувал и се восхитувал на прогресивните квалитети и културата на другите народи. Ги подигна и вредностите на Албанците и националите традиции: беса, храброст и дарежливост.
Наим Фрашери почина на 20 октомври 1900 година во Истанбул на 54-годишна возраст, тажен од носталгијата за татковината што не можеше да ја види слободна. Неговите посмртни останки беа донесени во Албанија по повод 25-годишнината од независноста, на 2 јуни 1937 година.
Како признание за неговата активност, неговото име го носат многу училишта и институции во Албанија и во странство. Иранската држава му оддаде чест и за неговиот придонес во персискиот јазик и литература, создавајќи поштенски марки со неговиот лик.