Пред 79 години, на овој ден скопјани ја дочекаа слободата, која им беше донесена од 42. и 50. народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор. Жителите на Скопје биле сведоци на уличните борби, кои се воделе на улицата „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и кај Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од минирање и разурнување, како и повеќе други објекти кои биле од витално значење, а невооружени цивили со својот живот го бранеле Камениот мост од разурнување. Овие настани се врежани во спомените на учесниците во борбите преку сведоштва и книги во кои е претставена радоста на скопјани при пречекувањето на ослободителите во центарот на градот. Од тој историски најзначаен ден за нашиот главен град, тој постојано се развива, а ние сме должни да ја изразуваме нашата почит кон борците кои ја дадоа младоста за неговото ослободување. За Скопје загинаа над 420 херои, кои никогаш нема да бидат заборавени.
Нека ни е честит празникот 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Скопје!
Прилози: Teкстови од весникот „Нова Македонија“ од 14.10.1944 и 13.10.1945.