Државниот архив како ризница на историското наследство во државата и научноистражувачка институција зеде учество во одбележувањето на 80- годишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Архивски професионалци во соработка со претставници на Институтот за национална историја – Скопје ја подготвија изложбата „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“, која денес беше промовирана во НУ Музеј на македонската борба. Промоцијата на изложбата се случи во рамките на Свечената академија по повод 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ како воведен настан од Меѓународниот научен собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“ во организација на ИНИ и МАНУ. На свечената академија свое обраќање меѓу другите имаше и директорот на Државниот архив, д-р Наташа Котлар-Трајкова.
На високите гости од Владата, Собранието, гости од странство и дипломатскиот кор им беше презентирана содржината на изложбата, која говори за конституирање на македонската држава прикажана преку архивската документација. Државниот архив го поседува фондот „АСНОМ“, кој почнал да го формира Димче Мире, учесник на Првото заседание на АСНОМ, а подоцна и директор на Архивот. Овој фонд беше основа на истражувањата за подготовка на изложбата.
Државниот архив и Институтот за национална историја со меѓуинституционалната соработка придонесуваат за збогатување на колективната меморија за овој најзначаен чин од историјата на македонскиот народ, АСНОМ и во иднина ќе биде обединувачки момент за нашето општество.
Изложбата ќе биде отворена за заинтересираните граѓани во наредните седум дена.