Изложбата „ Меморијали од Првата светска војна во фондовите и збирките на архивот во Југославија“ е отворена и достапна за сите граѓани, кои можат да ја разгледаат до 29 септември 2025 година во НУ Музеј на РС Македонија. Изложбата е подготвена од Архивот на Југославија и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Република Србија, а поставувањето во Скопје е во организација на Државниот архив на РС Македонија.
Свеченото отворање на изложбата беше на 23 септември 2025 година на кое се обратија директорот на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, директорот на Архивот на Југославија, д-р Милан Терзиќ, претставник на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Република Србија, Ненад Лајбенпшпергер во присуство на вршителот на должности од амбасадата на Република Србија, Александар Кнежевиќ. Во обраќањата беше истакнато дека соработката меѓу двата архиви е на високо ниво при што целта на изложбата е всушност да прикаже сеќавања за војници кои загинале на територијата на кралството Југославија во Првата светска војна. Меморијалите зборуваат и за грижата за воените гробишта, попишувањето на имињата на војниците и финансирањето на спомен-костурниците. На изложбата може да се видат податоци за гробови и споменици подигнати за српски војници на територијата на РС Македонија загинати на Солунскиот фронт.
Главната порака на изложбата е дека треба да се негува културата на сеќавање и дека треба да учиме од историјата во поглед на разрешувањето конфликти на мирен начин.
Во рамките на настанот беа промовирани изданија од д-р Живко Аврамовски (1926-2020), историчар од Институтот за современа историја од Белград по потекло од тетовскиот крај. Изданијата се објавени од Архивот на Југославија. За неговите дела зборуваше м-р Драган Теодосиќ, виш архивист и раководител на Одделение за објавување архивски материјали во Архивот на Југославија, посочувајќи дека обемниот научен опус на Аврамовски опфаќа повеќе монографии, студии, зборници на документи и преку сто научни трудови.
Изложбата ќе биде поставена до 29 септември 2025 година.



