Државниот архив на Република Македонија започна со објавувањето на едицијата „Драган Богдановски – Мојата борба за Македонија“, во редакција на д-р Марјан Ивановски и д-р Зоран Тодоровски. Објавени се два тома и првиот дел од том ІІІ. Првиот том е со наслов „Погледи кон историјата на Македонија“, вториот „Осврти за македонската историја и политичката емиграција“, а првиот дел од третиот том е со наслов „Македонска трагедија“.
Македонската политичка емиграција, како антирежимска опозиција, се пројавила веднаш по ослободувањето на Македонија и создавањето на Демократска Република Македонија. Нејзината појава, пред сè, се должи на длабокото незадоволство и разочараност од злоупотребувањето на основните човекови права и слободи, извршената национализација и социјализација на приватната сопственост и од идеолошкиот судир настанат со Резолуцијата на Информбирото. Од 50-тите години економската и политичката криза во СФРЈ и во Македонија уште повеќе се заострувала со постојаното елиминирање на демократските процеси во земјата и јакнењето на бирократизмот.
Основната карактеристика на македонската политичка емиграција, широко распространета низ Европа, Америка и Австралија, бил антикомунизмот, антијугословенството, антититоизмот, ослободувањето на Македонија и нејзино конституирање како самостојна држава на Балканот, отворена за соработка со сите соседи, за обединување во балканска федерација во рамките на обединета Европа.
Во своите политички активности, македонската политичка емиграција на меѓународен план го интернационализирала прашањето за државно самоопределување и осамостојување на Македонија, а на пропаганден план водела жестока битка против сите негатори на македонската национална самобитност и против политиката на денационализација и асимилација на Македонците во деловите под власта на соседните земји.
Една од најистакнатите личности и најмаркантна фигура на македонската политичка емиграција, а може слободно да се каже и единствен македонски политички десидент е Драган Богдановски. Македонски публицист, политички емигрант, десидент, политички затвореник, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Кој 30 години бил во челните редови на македонската патриотски настроена емиграција, посветувајќи го целиот свој живот на идејата за независна, обединета и демократска Македонија. Со таквата своја дејност, Богдановски од своите младешки години, па речиси до својата смрт, бил изложен на невидени притисоци и репресија од страна на југословенските и македонските служби за државна безбедност, како и од европските разузнавачки служби. Национално патриотски и македонски определен и со изразита антикомунистичка идеолошка ориентација, Богдановски бил постојан предмет на напади од страна на македонската комунистичка пропаганда, бил прогласен за непријател на југословенското братство и единство, рушител на социјалистичката федерација и директен непријател на југословенскиот „автентичен“ комунизам.
Драган Богдановски е роден на 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско. Основно училиште завршил во Куманово, а средно земјоделско училиште почнал да учи во Битола, а го завршил во Скопје. Во 1949 година се запишал на Земјоделскиот факултет во Земун, но во 1951 година бил исклучен од факултетот без право на упис на кој било универзитет во Југославија.
За македонската политичка историја особено е значајна публицистичката оставина на Драган Богдановски. Освен што е познат како плоден новинар и публицист во гласилото „Македонска нација“ на организацијата Движење за ослободување на Македонија, во неговото политичко досие се зачувани и неколку ракописи за историското минато на македонскиот народ и два историографски романи. Како што може да се види од неговото политичко досие, поголемиот дел од обемните ракописи Богдановски ги пишувал во затворот Идризово, од 1980 до декември 1987 година, кога работел како библиотекар во затворската библиотека и каде што ги користел изданијата на Институтот за национална историја.
Неговите ракописи може да се поделат на три основни теми: историски (од историјата на Македонија), политички (за програмската платформа и активностите на организацијата Движење за ослободување на Македонија) и белетристички ракописи. Оттаму ракописната оставина на Драган Богдановски, односно едицијата посветена на Богдановски е насловена со заеднички наслов: МОЈАТА БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА и е поделена на шест тома.
Првиот том содржи еден пообемен текст за историјата на Македонија, којшто содржи 12 глави, од теоретско-филозофски до историографски за позначајните настани и културни творци од историското минато на македонскиот народ. Ракописот нема наслов, и бидејќи се однесува на неговите погледи, ставови и констатации за одредени настани и личности од историјата на Македонија, стекнати, пред сè, од користената македонска современа комунистичка историографија од 60-тите и 70-тите години на 20-от век, првиот том е насловен „Погледи кон историјата на Македонија“. Во ракописот Богдановски мошне идеолошки ги третира македонските историски процеси и личности, подвлекувајќи го врховизмот во ВМРО и кај нејзиното раководство. Без позадлабочено и критичко опсервирање, така како што му било сервирано во македонските историографски трудови, тој цитира и препишува цели страници од историографските дела на македонските историчари Блаже Ристовски, Иван Катарџиев, Манол Пандевски, Славко Димевски и др. Всушност, во ракописот Богдановски ни ги пренесува нивните сознанија и интерпретации, некои од нив надминати и ревидирани во денешната македонска историографија.
Вториот том содржи повеќе историографски текстови со неколку тематски содржини и е со наслов „Осврти за македонската историја и политичка емиграција“. Овој том содржи неколку историски текстови: „Историја на бугарскиот врховизам“, „Врховизмот вчера и денес“, „Комунистичката партија на Грција и македонското национално прашање“, „Македонскиот народ во Егејска Македонија во антифашистичката борба (1941-1944)“, „Народноослободителниот фронт“, „Основи на идеологијата и на политичката платформа на ДООМ“, „Проблемите на македонската обединителна револуција“, „Меморандум до европската конференција“, „Должностите на македонската емиграција“, „Експозе на ДООМ по македонското прашање“, „Апел од Централниот комитет на ДООМ до владите на НР Бугарија и на Советскиот Сојуз“, „ДООМ пред проблемите на македонската национална политика“.
Третиот том го содржи обемниот роман на Драган Богдановски во два дела под наслов „Македонска трагедија“. Во романот, низ една историографско-драматуршка нарација е прикажана судбината на едно македонско семејство од едно кумановско село од 80-тите години на 19 век до забраната на ВМРО (Обединета) во 1936 година, растргнато меѓу бугарската и српската пропаганда и нивните завојувачки политики и присутноста на влијанија од спротивставените струи и крила на ВМРО и на нејзините дејци, револуционери и месни војводи и комити. И во овој роман со историографска содржина, присутни се идеолошките погледи и ставови на Богдановски, преземени од современата македонска историографија од 60-тите и 70-тите години на 20-от век.
Ракописите на Драган Богдановски се изворно пренесени, нелекторирани, со зачувување на неговиот автентичен стил и јазик на изразување. Интервенирано е само кај техничките пропусти и со белешки (фусноти), таму каде што било потребно соодветно прецизирање и објаснување.