WhatsApp Image 2026-03-26 at 15.06.44

Делегација на Државниот архив предводена од директорот м-р Димитар Богески, учествуваше на состанокот на архивите на државите наследнички на СФРЈ во Сараево

Делегација на Државниот архив предводена од директорот м-р Димитар Богески, учествуваше на состанокот на архивите на државите наследнички на СФРЈ во Сараево. Архивот на Босна и Херцеговина беше домаќин на состанокот, на кој се разговараше за прашања од заеднички интерес поврзани со архивскиот материјал и процесите на сукцесија, со посебен акцент на дигитализацијата.

Директорката на Архивот на БиХ, Данијела Мрда, истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за унапредување на соработката меѓу државите наследнички, особено во рамките на Анекс Д од Спогодбата за сукцесија, при што во фокусот се дигитализацијата на архивската граѓа и нејзината достапност.

Како еден од клучните проекти беше издвоена дигитализацијата на фондот на Претседателството на ФНРЈ, при што беше постигнат договор државите наследнички да преземат дигитални копии од граѓата и да ја користат согласно своите потреби.

Во рамки на дискусиите беше отворено и прашањето за поделбата и достапноста на одделни архивски фондови, вклучително и филмската граѓа, како и предизвиците поврзани со нивната заштита и користење. Беше нагласено дека прашањата поврзани со сукцесијата на архивската граѓа претставуваат сложен процес кој бара континуирана институционална соработка и поддршка.

Учесниците истакнаа дека дигитализацијата претставува клучен инструмент за обезбедување пристап до архивскиот материјал и за нејзино долгорочно зачувување, при што ваквите состаноци придонесуваат за конкретен напредок во таа насока.

Состанокот во Сараево претставува продолжение на регионалната соработка меѓу архивските институции, насочена кон заштита, достапност и современо управување со заедничкото архивско наследство од поранешната СФРЈ.

Најнови објави