На 6 мај 2013 година, во седиштето на УНЕСКО во Париз – Република Франција, беше отворена изложбата „Словенските главни градови во две димензии“.
Изложбата, којашто зборува за историјата на Словенските главни градови низ архивски материјал е проект на Форумот на словенските култури (www.fsk.si), како носител на проектот и 13 архиви од главните градови на словенските земји, односно архивите од Белград, Братислава, Варшава, Загреб, Киев, Љубљана, Минск, Москва, Прага, Сараево, Скопје, Софија и Цетиње.
Изложбата беше отворена од страна на г-ѓа Андреја Рихтер, директорка на Форумот на словенските култури и г-дин Г. Енгида, заменик на генералниот директор на УНЕСКО, заедно со сегашниот и поранешниот генерален секретар на Меѓународниот архивски совет.
Предвидено е изложбата да биде претставена и во сите 13 главни градови на словенските земји, коишто учествуваат во проектот.
Изложбата, како и каталогот за истата се достапни преку интернет: www.fsk.si/projects/slavic-capitals-in-2d