Bogdanovski4

ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – МОЈАТА БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА (том IV втор дел и том V)

Во почетокот на 2015 година Државниот архив на Република Македонија ги објави том 4 и том 5 од едицијата „Драган Богдановски – Мојата борба за Македонија“, во редакција на д-р Марјан Иваноски и д-р Зоран Тодоровски. Четвртиот том е со наслов „Македонска трагедија“ втор дел, и петтиот том со наслов „Македонска судбина“.

Драган Богдановски, несомнено претставува корифеј на македонската политичка миграција, посветен фанатик на македонската кауза, човек кој одигра клучна улога во формирањето на новата политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот духовен водач и почесен претседател. Неговата животна патека е преполна со политичкото бреме на времето во кое делуваше, така што неговиот живот на неговите соборци согорува во траумите на прогонети, следени или затворени, прогласени за непријатели на државата заради преголемата љубов кон својот народ и барањето поинакви патишта за разрешување на македонско прашање. Драган Богдановски заедно со целиот арсенал на т.н „македонски екстремизам“ со години беа табу тема во македонската истографија.

МОЈАТА БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА е издание во кое е сублимирано творештвото, животот и борбата на Дрган Богдановски. Тој како политички деец остави зад себе богат публистички материјал како за историски, така и за актуелни теми од времето во кое делувал.

Во четвртиот том е содржан обемниот роман на Драган Богдановски „Македонска трагедија “ втор дел, во кој се пренесува историјата на едно македонско семејство од 80-ите години на 19 век и се до 1936 година (забраната на ВМРО-обединета), при што во текстот провејуваат ставови преземени од современата македонска партиска историографија од 60-те и 70-те години на 20 век.

Во петтиот том е поместен уште еден неименуван роман на Драган Богдановски кој се однесува на периодот 1941-1945 година, при што редакторите му дале наслов „Македонска судбина“.

Во тек е подготовката на шестиот том и можеби најзначајниот.

Сметаме дека објавувањето на ова шестомно издание претставува значаен прилог во македонската историографија на патот на расветлувањето на низа контроверзи од делувањето на Драган Богдановски и неговите сомисленици.

КНИГИТЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДАТ НА „САЕМ НА КНИГА 2015“ (5-11 МАЈ 2015 Г.), СО СНИЖУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ ОД 30 %

Најнови објави