Државниот архив на Република Македонија објавува дека излезе од печат монографијата „Христо Матов“, во редакција на д-р Владо Поповски.
Монографијата „Христо Матов“ е заедничко издание на Државниот архив на Република Македонија и „Македоника литера“, а се објавува со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Христо Матов е еден од најзначајните раководители на Внатрешната македонска револуционерна организација. Тој зазема истакнато место, како во највисоките раководства на Македонската револуционерна организација, така и во изградбата на нејзиниот револуционерен систем. Тој ги поставил и ги дефинирал, речиси сите прашања поврзани со програмските цели, со основите, принципите и формите на револуционерната дејност на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и со устројството, со политиката и со односите на истата кон внатрешните и надворешните фактори од кои зависела или можела да зависи улогата на учинокот на Револуционерната организација.
Во ВМРО влегол на својата 26-та година и од неа заминал тогаш кога го напуштил светот. На целите на Организацијата и на нејзината дејност и се посветил без остаток, лишувајќи се од каков и да е приватен живот и од каков и да е приватен мотив.
Христо Матов бил еден од најзаслужните личности кои ја додржале Револуционерната организација да не се распадне и да не се претвори во одмаздничка групација, по тешките потреси во 1907-1908, сврзани со крвавата саморасправа во ВМРО и со конечниот раскол во неа.
Сепак не можел да ја преболи судбината на Македонија по балканските војни и по Првата светска војна. Таа судбина како облик на целосен пораз на целите на ВМРО и како бесповратно уништување на идеалите. Починал во тешка драма на беда, на страдања, сомненија и преиспитувања.
Христо Матов умира на 54-годишна возраст, завршувајќи го својот живот морално чист, како еден од најчесните достоинственици посветени на судбината и на општиот интерес на неговата родна Македонија.
Монографијата „Христо Матов“ ќе биде промовирана на 24 јули (петок) 2015 година, во 17:30 часот во НУ Завод и музеј – Битола, а во рамките на научната конференција „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науки.