„Војните почнуваат во човечките мисли и одбраната на мирот мора да се гради во човечките умови“ (Уставот на Обединетите нации.)
Годинашното културно лето во Гевгелија стартуваше на 15 јули (среда) со изложбата на Државниот архив на Република Македонија „Обединети сме посилни“. Изложбата е во рамките на одбележување 70 години од победата над фашизмот.
Во Ликовната галерија „Амам“ во присуство на заменик градоначалникот на општина Гевгелија, Борче Хаџиниколов, претставници на локални и државни институции, изложбата ја промовираше директорот на Државниот архив на Република Македонија д-р Филип Петровски. Тој истакна дека Државниот архив по втор пат се претставува со своја изложба во Гевгелија. Оваа изложба е подготвена од вработените во Архивот и содржи фотографии и плакати односно пропаганден материјал од Втората Светска војна. На фотографиите има моменти од Кримската, Техеранската, Потсдамската конфренција, средбата на сојузниците на реката Елба…..
Д-р Петровски нагласи дека оваа изложба треба да ја видат што повеќе млади луѓе и е еден вид на историски час. Изложбата за отворена ја прогласи заменик градоначалникот Хаџиниколов кој во име на градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов се заблагодари на Државниот архив за укажаната чест, по Скопје, Велес и Кавадарци, и гевгеличани да ја видат оваа изложба со која се отвора овогодишното гевгелиско културно лето.