Во рамките на соработката на Државниот архив на Република Македонија со Воениот музеј во Стокхолм, Кралство Шведска, Државниот архив на Република Македонија подготви изложба насловена „Македонија и Првата светска војна“, која се отвори на 25 ноември 2015 година во 15:00 часот во Воениот музеј во Стокхолм.
На отворањето на изложбата свое обраќање имаа г-ѓа Александра Наќева Ружин, амбасадор на Република Македонија во Кралството Шведска и г-ѓа Ева-Софи Ернстел, директор на Воениот музеј во Стокхолм, а предавања за балканските пропаганди и последиците од нив за Македонија до 1918 година одржаа д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија и д-р Александар Стојчев, директор на Воениот музеј на Република Македонија.
Оваа изложба е дел од проектот на Воениот музеј во Стокхолм почнат уште во 2014 година по повод одбележувањето на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна.
Во рамките на тој проект Воениот музеј во Стокхолм досега ги претстави изложбите на Австрија, Холандија и Србија, а во моментот се во подготовка изложбите на Русија, Белорусија и Чешка. Планирано е изложбите на оваа тема да се одржуваат и во текот на наредните три години како симболика на траењето на Војната.
Изложбата „Македонија и Првата светска војна“ ќе биде презентирана до февруари 2016 година, а целта е преку неа да се претстават политичките, културните и економските состојби во Македонија во периодот на Првата светска војна, настаните што му претходеле на тој период како и учеството на македонскиот народ во војната.
Со оваа изложба Државниот архив на Република Македонија се вклучува во одбележувањето на 100-годишнината од Првата светска војна преку презентирање на архивските документи што се чуваат во депоата на Архивите во Македонија.