Државниот архив на Република Македонија во почеток на 2018 година ја објави книгата „Административно-територијалната поделба на Полошкиот регион и органите на власт низ архивските фондови (1944-2004)“ .
Трудот се состои од три дела. Во првиот дел се прикажани природно-ге-ографските карактеристики на Полошкиот регион. Вториот дел опфаќа податоци за демографските и етничките промени во Полошкиот регион, националниот состав – миграциските движења со пописите на населението. Во третиот дел е претставена административно-територијалната поделба на Полошкиот регион (1944 – 2004) со органите на власт.
Периодот од 1944 до 2004 година во Република Македонија е обележан со неколку административно-територијални поделби. Административно-територијалната поделба на Р Македонија била подложена на многу чести промени по Втората светска војна, а напоредно со тоа истите ги имало и во Полошкиот регион. Првата административно-територијална поделба на Македонија е направена на Првата седница на Президиумот на АСНОМ од 6 август 1944 година. Тогаш Македонија беше поделена на четири области (Скопска, Битолска, Штипска и Кичевско-дебарска), а тие беа поделени на повеќе околии и општини. Сепак, за кратко време беше направена и првата промена. Имено, се укинува Кичевско-дебарската област, а градовите Скопје, Тетово, Велес, Куманово Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица се подигнати на ранг на околии.
На 30 август 1945 година Президиумот на Народното собрание на Македонија, по предлог на Претседателството на Народната влада на Федерална Македонија го донесе Законот за територијална поделба на Федерална Македонија на окрузи. Според Законот, Федерална Македонија била поделена на 4 округа: Скопски, Велешки, Штипски и Битолски и градот Скопје како посебна единица. Скопскиот округ ги опфаќал поранешните Кумановски и Тетовски округ заедно со Скопската и Дебарската околија. Врз основа на Законот за територијална поделба на Федерална Македонија на окрузи, Министерскиот совет на Федерална Македонија на 21 ноември 1945 година донесе Уредба за определување на бројот, територијалите подрачја и седиштата на околиите и месните народни одбори. Според овој Закон, односно Уредбата, Македонија била поделена на четири округа: Скопски, Велешки, Битолски и Штипски округ. Во рамките на Скопскиот округ влегувале десет околии, а меѓу нив и Те¬аречката, Тетовската и Гостиварската околија. Во Полошкиот регион административни околии на НР Македонија се Гостиварската со седиште во градот Гостивар и Тетовската со седиште во градот Тетово. Најпрво Македонија во 1949 година била поделена на три области (Скопска, Битолска и Штипска), а Скопската област ги опфаќала Тетовската и Гостиварската околија и градот Тетово.
Во 1950 година територијата на Македонија е поделена на четири наместо на три области и тоа: Битолска, Гостиварска, Кумановска и Штипска област, а гостиварската област ги опфаќала Гостиварската и Тетовската околија и градот Тетово. Во Полошкиот регион постоеле две околии и тоа: Околија Гостиварска со градска општина Гостивар и општините Бањица, Врапчиште, Вруток, Дебреше, Никифорово, Србиново, Сенокос, Трница, Чајле и Чегране и Околија Тетовска со градска општина Тетово и општините Вратница, Горно Седларце, Групчин, Долно Палчиште, Непроштено, Милетино, Сараќино, Теарце, Шемшово и Шипковица.
Во 1955 година била укината Гостиварската околија и територијално е прик-лучена на Тетовската околија со седиште на Народниот одбор на околијата во Тетово, а во чиј состав влегуваат и општините: Врапчиште, Гостивар, Жеровјане, Маврово, Ростуша, Сараќино, Тетово и Теарце. Во 1957 година со новиот Закон за подрачјата на околиите и општините во НР Македонија биле извршени мали промени, односно била укината Општина Ростуша и приклучена кон Општина Маврово. Со Законот за менување на подрачјата на одделни општини во НР Македонија од 1962 година се укинуваат некои општини, а во Полошкиот регион се укинува Општина Врапчиште и населените места се приклучуваат кон Општина Гостивар. Во 1965 година, со Законот за подрачјата на општините во СР Македонија се утврдуваат подрачјата на општините кои ги има 32 и тоа: Берово, Битола, Брод, Валандово, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Идадија, Кавадарци, Кале, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Неготино, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово, Титов Велес и Штип. Со овој Закон во Полошкиот регион биле формирани две општини Гостивар и Тетово со вкупно 184 населени места, од кои 90 во Гостиварска и 94 во Тетовската општина. Со донесувањето најпрво на Законот за локалната самоуправа (октомври 1995 година) во Р Македонија, беше донесен и Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (септември 1996 година). Според овој Закон во Република Македонија се создадоа 123 општини како локални самоуправи. На подрачјето на Полошкиот регион беа формирани вкупно деветнаесет општини – локални самоуправи наместо дотогашните општини Гостивар и Тетово уште нови 17 општини – локални самоуправи и тоа: Неготино – Полошко, Врапчиште, Ростуша, Маврови Анови, Чегране, Долна Бањица, Србиново, Вруток, Џепчиште, Теарце, Брвеница, Камењане, Боговиње, Шипковица, Желино, Јегуновце и Вратница. Ваквата административно-територијална поделба во Р Македонија се задржа до донесувањето на новиот Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија (август 2004 година).
Причина за донесување на новиот Закон за административно-територијалната поделба на Р Македонија е и исполнувањето на обврските од Рамковниот договор од Охрид од 2001 година во врска со измената и територијалната организација во соработка со меѓународната заедница. Со донесувањето на новиот Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Р Македонија (август 2004 година) беа формирани 84 општини локални самоуправи. Според овој Закон во Полошкиот регион биле формирани – 9 општини (единици) на локална самоуправа и тоа: Гостивар, Тетово, Брвеница, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Боговиње, Маврово и Ростуша и Теарце. Со Законот за локалната самоуправа од јануари 2002 година исто како и претходно главни носители на органите на власт се Советот на општината со своите органи и тела и градоначалникот на општината.