На 9 јуни (петок) архивистите од целиот свет го празнуваат Меѓународниот ден наархивите.
9 јуни е денот кога архивистите се обединети во прославувањето на нивниот меѓународен ден и го промовираат значењето и достигнувањата во нивната професија.
Во ноември 2007 година, во Квебек – Канада, на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет, членовите со право на глас, меѓу кои и Државниот архив на Република Македонија, одлучија дека Меѓународниот ден на архивите треба да се прославува на 9 јуни.
На овој ден во 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет во УНЕСКО, Париз. Поради тоа, првиот Меѓународен ден на архивите во 2008 година беше и 60-годишнина од формирањето на Меѓународниот архивски совет.
Почнувајќи од 2008 година, секоја година членовите на Меѓународниот архивски совет во се поголем број организираат прославување на овој ден.
Оваа година Меѓународниот ден на архивите се одбележува по десетти пат.
Годинава архивите низ целиот свет организираат прославување на нивниот меѓународен ден восогласност со темата „Архиви, државјанство и интеркултурализам”.
Меѓународниот ден на архивите нуди исклучителна можност за промовирање на улогата на документите и архивите. Може да биде искористен за да се промовира значењето на ефективното канцелариско работење како предуслов за добро управување, транспарентност и одговорност; да се нагласи важноста од чувањето на архивскиот материјал за колективната меморија на нацијата и општеството и да се охрабрат оние членови од јавноста, кои никогаш до тогаш не го направиле тоа, да ги консултираат архивите за прв пат. Општо речено, може да се искористи како начин за подигање на јавната свест за архивскиот материјал и архивистите преку медиумите.
Државниот архив на Република Македонија како национален ден на архивите го празнува 1 април, денот на кој во 1951 година е формирана оваа институција, а 9 јуни го одбележува со пригодни советувања за архивските работници, презентирање на законската регулатива и слично.
Меѓународниот архивски совет верува дека со одбележувањето на овој ден се подобрува перцепцијата што општата јавност ја има за архивите.
Архивите се дел од културното наследство на народите и водечки извор на информации. Архивското наследство е важно сведоштво за економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот развој на човештвото.
Архивскиот материјал е документарен производ од човековите активности и е незаменливо сведоштво за минатото. Архивскиот материјал го овозможува демократското функционирање на општествата, го осигурува идентитетот на индивидуите и заедниците и претставува основа за одбранана човековите права.
Долготрајното чување на архивскиот материјал како и овозможувањето на пристап до истиот е особено важна задача за архивистите.