KosovskiKomitetLogo

Доверливи извештаи на Тајната служба на Генералштабот на Војската на Кралството СХС – Југославија за Косовскиот комитет (1924-1941)

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година го објави зборникот Доверливи извештаи на Тајната служба на Генералштабот на Војската на Кралството СХС – Југославија за Косовскиот комитет (1924-1941).

Во зборникот се презентирани доверливи извештаи на Тајната служба на Генералштабот на Војската на Кралството СХС – Југославија за Косовскиот комитет (1924-1941). Иако Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (од 1929 година Кралство Југославија) било засновано на југословенски унитаризам, во него главно биле застапувани големо српските национални интереси. Против ова имало голем отпор, и тоа најмногу од опозициските политички партии, од застапниците на националниот плурализам и федерализам и од сепаратистичките партии и организации.

Затоа е многу разбирлив интересот на државните органи за активностите на сите партии и организации што имале отворени сепаратистички тенденции. Од тие причини Тајната служба на Кралството СХС (Кралство Југославија) составувала посебни тајни извештаи, во најголем број случаи тримесечни, за дејствувањето на Косовскиот комитет, Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) и Усташката организација. Од многубројните извештаи составувани од Главниот генералштаб на Војската (Разузнавачко одделение) и командата на жандармеријата, се гледа дека заинтересираноста била многу голема.

Од достапните извештаи дознаваме дека разузнавачите се обидувале да го разоткријат менталитетот кај Албанците и начинот на кој полициските службеници, војската и власта повеќе ќе се зближат со тоа население, но и со другото население „од сите вери и нации“. Најголемо внимание се посветувало на качачките чети, составот, дејствувањето, движењето и начинот на нивната борба. Во објавените извештаи се јавуваат сите можни варијанти на борба против качачките чети како и за однесувањето на војската при таквите активности.

Ваквите документи како целина досега не се објавени и со нивното објавување ќе се пополни една празнина во изучувањето на историјата на Албанците на овие простории во споменатиот период.

Документите на овој зборник се од Документарното одделение на ИНИ, а со нивното објавување ќе станат достапни за пошироката научна и друга јавност.

Документите се објавeни на македонски и на албански јазик, а на крајот се дадени факсимили на оригиналите, кои се на српски јазик.

Најнови објави