Ilinden21

Илинденските сведоштва том 2, дел 1 и 2

Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2016 година го објави зборникот „Илиндеснките сведоштва том 2, дел 1 и 2 во редакција на д-р Јасмина Дамјановска, д-р Ленина Жила и д-р Филип Петровски.

Македонската историја, сè уште, располага со пишани и недоволно истражени извори кои говорат за судбината на македонскиот народ. Историјата се темели врз документи што се создаваат и се испишуваат од каква било причина. Благодарение на записничарите на минатото, денешните државни архиви се преполни со документација врз основа на која се базираат, почнуваат, се градат историските процеси, случувањата во минатото итн.

„Илинденски сведоштва“ – тоа е условен наслов на комплекс документи од фондот 159 „Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946-1956)“, кој се чува во во Државниот архив на Република Македонија.

Историската наука во македонската држава досега била свртена кон обезличениот народ и кон хероите. Најважниот настан во македонската историја, нашиот Илинден, се разгледувал само од таа перспектива.

Илинден е темел на нашата држава. Без саможртвата на македонскиот народ во 1903 година, ние не би можеле да ја имаме својата сегашна држава. Меѓународното право во средината на XX век го признавало правото на одреден народ да има држава ако тој водел упорна и крвава борба за осамостојување.

Документацијата изобилува со повеќе сегменти од тогашната егзистенција на македонското семејство предводена од турската власт, како и од бугарската, српската и грчката пропаганда, за социјалната положба, за нивниот живот како осуденици и затвореници, за економската сиромаштија, за улогата на религијата, за политичкиот живот, за можноста или неможноста, како и за: степенот на образование, работната способност и професионалната определба, интимниот живот, менталитетот и културата на живеење во македонските градови и села, емигрирањето и печалбарството, најизразено во Бугарија, Грција, Србија, Австрија, Романија и Америка, секојдневна историја која е недоволно истражувана и секогаш потиснувана од воената, политичката и дипломатската.

„Илинденските сведоштва“ создаваат основа од корен да се промени пристапот на македонската историографија. За првпат се објавуваат извори што ќе создадат основа за проучување на животот на обичниот човек, човек кој се доживува само како една eдинка од народот. „Илинденските сведоштва“ ќе им помогнат не само на историчарите да го реконструираат животот на обичниот човек туку и на македонските семејства да дознаат повеќе за своите предци, кои беа дел од македонското револуционерно движење.

Најнови објави