Г-дин Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија и м-р Сашо Јанкуловски, државен советник во Државниот архив, на 10 април 2018 година го посетија Архивот на Република Словенија во Љубљана. За време на посетата тие се сретнаа со д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија, со кого ги разгледаа можностите за соработка меѓу двата архиви и можноста за вклучување на Државниот архив на Република Македонија во проектите на Европската унија наменети за архивите.
Вработените од Архивот на Република Словенија на претставниците од Државниот архив на Република Македонија им ја презентираа програмата за е-архиви во Република Словенија, како и начинот на работа и достигнувањата на Архивот на Република Словенија во последните години.
За време на посетата на Архивите во Република Словенија, г-дин Кирил Петров присуствуваше на состанокот за проектот за дигитализација на заедничкото архивско наследство од поранешна СФР Југославија и на меѓународната конференција „Технички и стручни проблеми при традиционалното и електронското архивирање“, што се одржаа во Раденци, во периодот од 11 до 13 април 2018 година.