NOVOto-LOGO

Посета на Федералното архивско агенство на Руската Федерација (РОСАРХИВ) – Москва, 18-21 април 2017 година

Д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија, во периодот од 18 до 21 април 2017 година, на покана на Федералното архивско агентство на Руската Федерација (РОСАРХИВ) оствари посета на повеќе архивски институции во Москва, Руска Федерацијa.

За време на престојот во Москва, д-р Филип Петровски се сретна со директорот на Федералното архивско агентство на Руската Федерација (РОСАРХИВ), г-дин Андреј Н. Артизов, со кој разговараше за идната соработка меѓу двете архивски институции и можноста за објавување на заеднички зборници на архивски документи за историјата на Македонија. На таа средба беа разменети информации за организационата поставеност и за начинот на работата во двата архиви, како и за можноста за истражувачка работа во Архивите на Руската Федерација.

Во рамките на оваа посета, д-р Филип Петровски оствари средби и со раководните лица на Рускиот државен архив за социјално-политичка историја (РГАСПИ), Рускиот државен архив за најнова историја (РГАНИ) и Историско-документарното одделение при Министерството за надворешни работи на Руската Федерација. Во текот на овие средби беше направен увид во повеќе архивски фондови, што ги поседуваат овие архивски институции, а во чии рамки се наоѓаат документи за историјата на македонскиот народ.

Средбите со раководните лица на горенаведените Архиви во Москва, д-р Филип Петровски ги искористи за да договори повеќе заеднички проекти, кои ќе овозможат реализирање на истражувачка работа на архивските работници и историчари од Република Македонија во Архивите на Руската Федерација и понатамошно објавување на зборници на документи, со цел расветлување на некои делови од историјата на Македонија и односот на Советскиот сојуз кон македонското прашање.

За време на посетата на Москва, д-р Филип Петровски, го посети и Институтот за славистика при Руската академија на науките и Московскиот државен институт за меѓународни односи, каде што оддржа предавање за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за што меѓу руските научни работници и студенти постои голем интерес.

Информација за посетата на македонската архивска делегација во Москва:

http://archives.ru/press/20-04-2017-makedonia.shtml

Најнови објави