Државниот архив на Република Македонија на 10.4.2017 год. во арт-кафето „Koнцепт 37“ го промовираше првиот и вториот том од зборникот документи „Илинденски сведоштва“ од д-р Ленина Жила, д-р Јасмина Дамјановска и д-р Филип Петровски.
Двете публикации што беа промовирани содржат факсимилни документи, дел од фондот на ДАРМ насловен како „Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии“. Досиеја на признати илинденци (1946 – 1956)“ односно биографски документи на преживеаните Илинденци, кои преку своите наративни забележувања трајно ги оставиле своите сеќавања за тоа што направиле во името на Македонската револуционерна организацијата и македонското револуционерно движење.
Документацијата изобилува со повеќе сегменти од тогашната егзистенција на македонското семејство предводена од турската власт како и од бугарската, српската и грчката пропаганда, за социјалната положба, за нивниот живот како осуденици и затвореници, за економската сиромаштија, за улогата на религијата, за политичкиот живот.
„Илинден е темел на нашата држава. Без саможртвата на македонскиот народ во 1903 година, ние не би можеле да ја имаме својата сегашна држава. Меѓународното право во средината на 20. век го признавало правото на одреден народ да има држава ако тој водел упорна и крвава борба за осамостојување“, се истакна д-р Филип Петровски директор на Државен архив на Република Македонија.
„Илинденските сведоштва“ создаваат основа од корен да се промени пристапот на македонската историографија. Првпат се објавуваат извори што ќе создадат основа за проучување на животот на обичниот човек, човек кој се доживува само како една единка од народот. „Илинденските сведоштва“ ќе им помогнат не само на историчарите да го реконструираат животот на обичниот човек туку и на македонските семејства да дознаат повеќе за своите предци, кои беа дел од македонското револуционерно движење, се истакна д-р Филип Петровски директор на Државен архив на Република Македонија.
Промотори на настанот беа директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Филип Петровски, д-р Наташа Котлар – Трајкова од Институт за национална историја и проф. д-р Александар Стојчев, воен историчар.
Проектот почна во 2015 година и е предвидено да содржи пет тома.