Според Годишната програма на Министерството за култура на РМ за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за 2016 година Државниот архив на Република Македонија го реализира мултидисциплинарниот проект „Македонија во странскиот печат“. Проектот опфати истражувања на дневниот печат во периодот од крајот на 19. и цел 20. век во државите: САД, Велика Британија, Австралија, Бугарија, Србија, Хрватска, Франција, Австрија, Германија, Италија и Руска Федерација. Тоа се првенствено земји со чии национални архиви Државниот архив на РМ има склучени договори за соработка.
Целите на проектот беа: 1. Истражување на одгласите за состојбата во Македонија во странскиот печат од крајот на 19. век и 20. век; 2. Стекнување општа слика за Македонија на меѓународен план според новинарските статии во странските гласила и објавување зборници од селектираниот материјал. Од целокупниот донесен материјал е објавен првиот том, во кој е вклучен материјал од: Србија, Хрватска, Франција, Австрија, Германија, Бугарија, Русија, САД и Австралија и Нов Зеланд. Во 2018 година ќе следи вториот том, со кој ќе се заокружи проектот, и ќе опфаќа материјал од вториот дел од истражувањето од: Србија, Хрватска, Австрија, Германија, Франција и Италија.
Раководители на проектот се д-р Теон Џинго и Игор Сотиров. Д-р Теон Џинго и д-р Филип Петровски се главни редактори на првиот том, д-р Теон Џинго е главен редактор и на вториот том, а Игор Сотиров е редактор на двата тома. Членови на редакцијата за материјалот на странски јазик за првиот том се: д-р Ленина Жила, д-р Александар Стојчев, м-р Андриана Драговиќ, Маја Суша и Викторија Саркисјан. Материјалот на странски јазик на вториот том ќе го редактираат: м-р Андриана Драговиќ, Маја Суша и Лујза Мирчевска.
Проектот продолжи да се реализира и во 2017 година кога во целост се остварија ефектите очекувани од него: 1. Пополнување на празнините во архивските фондови, во кои недостигаат написи од странскиот печат; 2. Запознавање на научните работници од соодветната област со истражениот материјал; 3. Користење на истражениот архивски материјал од страна на сите заинтересирани лица и 4. Запознавање на целокупната јавност во Република Македонија со резултатите од проектот. Истражувањето написи од дневниот печат е спроведено во архивите на наведените земји од страна на искусни истражувачи со одлични познавања на јазикот во земјата во која се истражува. Проектот се реализира пред сè во земјите во кои живееле и живеат Македонци-иселеници. Врз основа на претходни подготовки за истражувањето беше опфатено и проучување на он-лајн изданија, а беа направени и неколку откупи на архивски материјал.