Во рамките на интензивната меѓународна соработка што ја остварува Државниот архив на Република Северна Македонија, директорот Кирил Петров на 23.4.2019 година оствари работна средба со делегација од Архивот на Војводина од Република Србија предводена од директорот, г. Небојша Кузмановиќ.
Директорот, г. Кирил Петров ги запозна гостите со организациската поставеност на Државниот архив на Република Северна Македонија како и со неговите надлежности и предизвици во остварувањето на задачите. Двете страни изразија задоволство од постигнувањето согласност за потпишување Протокол за заемна соработка, кој отвора можности за реализација на нови иницијативи. На состанокот присутните отворија прашања за архивската дејност што се одвива во двете институции, за меѓусебната поддршка во споделување искуства во делот на информациските системи и за дигитализацијата. Размената на стручни лица е еден од приоритетите на кои се обврзаа директорите на институциите како и започнување проект за децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија населени во Војводина по Граѓанската војна. Државниот архив и Архивот на Војводина, како што посочија директорите, ќе продолжат да иницираат идеи и проекти во заеднички интерес на архивите.
Во рамките на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со начинот на работа на секторите за средување и обработка на архивски материјал и заштита на архивски материјал, при што на членовите на делегацијата им беа презентирани практични искуства од страна на вработените.
Во март 2019 година, директорот Кирил Петров го посети Архивот на Војводина, каде што беше договорена динамиката на соработката во наредниот период.