Монографијата „Борис Сарафов“ од д-р Никола Жежов е една од последните од едицијата „Македонски дејци“, која отвори многу необјаснети прашања од историјатот на македонското револуционерно движење и ВМРО. Единствената монографија што досега ја објавил македонски автор за Борис Сарафов е онаа издадена од револуционерoт Павел Шатев, која почнал да ја пишува во 1944 година, а е преиздадена од Државниот архив на македонски јазик во 2013 година. „Борис Сарафов“ е прва монографска книга за оваа историска личност во нашата држава и има цел да ги објасни сите аспекти од животот и револуционерната дејност на Борис Сарафов, без предрасуди, со употреба на многу необјавени извори, објавени документи, обемна литература, мемоарска граѓа и периодика.
За личноста на Борис Сарафов во минатото се врзуваа многу контроверзи за улогата што ја имал во клучните настани во македонската национална историја од почетокот на 20 век. Во разработката на делото на овој македонски револуционер досега недостигаше научна методологија и користење на архивска документација, а историчарите претежно се потпираа на спомени и идеолошки мотивирани монографии.
Во монографијата се употребени досега необјавени документи за животот и револуционерната дејност, кои се пронајдени при истражувањата во Државниот архив на Република Северна Македонија (ДАРСМ) како и во Централниот државен архив (ЦДА) во Софија. Преку аналитички и компаративен метод, пред сè на необјавените извори, авторот се обидува да објасни многу настани поврзани со револуционерната дејност на Борис Сарафов. Читателот ќе забележи дека во текстот се наоѓаат многубројни имиња на македонски револуционери од сите идејни теченија во македонското револуционерно движење и се обидуваме да го објасниме и нивниот однос и соработка со Борис Сарафов. Со монографијата „Борис Сарафов“ се забележува тоа што досега било непознато или воопшто незабележано за овој лик низ научните трудови во македонската историографија. Преку научно-фундирани факти и аргументи на читателот му се прикажува уште една значајна и табуизирана личност од македонската национална историја.
Сарафов како член на Главниот штаб на Илинденското востание, соборец на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, македонскиот револуционер за кого најмногу пишувале странските весници, заслужува место во колективната меморија на македонскиот народ.