Делегација од Државниот архив, предводена од директорот д-р Емил Крстески, на 12 и 13 декември 2019 година оствари посета на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија во Софија.
За време на посетата, д-р Емил Крстески имаше работна средба со доц. д-р Михаил Груев, претседател на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија и со неговите најблиски сработници и притоа беа посетени центарот за дигитализација, лабораторијата за конзервација и реставрација, читалната и микрофилмската лабораторија.
Претставниците од двата државни архива разговараа за начинот на работење во сите сегменти од архивите, за можностите за разменување на искуства и организирање на заеднички настани (обуки, изложби и сл.), а беа утврдени и неколку конкретни заеднички проекти за следната година.
Во рамките на Договорот за соработка помеѓу двата државни архива, кој е потпишан на 5 октомври 2017 година, во текот на 2020 година, во Пловдив и во Софија ќе биде организирана обука за конзервација и реставрација. Воедно ќе почне реализацијата на два проекта од издавачката дејност, од кои едниот ќе биде зборник на документи со работен наслов „Првите фотографии на Балканот“. Во него, меѓу другото, ќе биде опфатен архивски материјал од браќата Манаки од Одделението на Државниот архив во Битола. Другиот проект ќе биде заеднички зборник на документи од истакнати историски личности.