На 22 ноември 2018 година во 10:00 часот, во просториите на Хрватскиот државен архив во Загреб се одржа работна средба помеѓу г. Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија и д-р Динко Чутура, директор на Хрватскиот државен архив.
Државниот архив на Република Македонија на 14 октомври 2015 година има склучено Договор за меѓусебна соработка со Хрватскиот државен архив, кој што меѓу другото предвидува: заеднички активности за подготовка на изложби; заеднички едукативни и промотивни активности; соработка при организирање на работилници, промоции и предавања, издавачки проекти и размена на изданија.
Договорот овозможува размена на знаења и искуства од подрачјето на архивската дејност и делокругот на работата на архивите; размена на архивски стручњаци (од областа на заштитата, обработката и користењето на архивскиот материјал, микрофилмувањето, скенирањето, дигитализирањето, како и конзервацијата и реставрацијата на архивскиот материјал во архивите).
На средбата, двајцата директори разговараа за заеднички проекти за историските односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска и за размената на информации и копии на архивски материјал од интерес за историјата на двете држави, како и за процесот на сукцесија, односно заедничкото архивско наследство од поранешна СФР Југославија.