Romanski2018logo

Промоција на зборникот „Романски дипломатски документи за Македонија (1880 – 1900)“ том 1

На 17 октомври 2018 година (среда) во 12:00 ч во Дипломатскиот клуб при Министерството за надворешни работи Државниот архив на РМ и Дипломатскиот клуб го промовираа зборникот „Романски дипломатски документи за Македонија (1880 – 1900)“ во редакција на г. Благој Зашов, амбасадор на Република Македонија во Република Романија во периодот 1998 – 2002 година. Воведен збор за трудот даде г. Данчо Марковски, поранешен амбасадор на Република Македонија во Република Хрватска. Директорот на Државниот архив на РМ, г. Кирил Петров се осврна на соработката меѓу Државниот архив на РМ и Националните архиви на Романија. Промоторот академик Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја – Скопје, го расветли историскиот аспект на зборникот, а НЕ Виорел Станила, актуелен амбасадор на Р Романија, зборуваше за дипломатското значење на трудот. На крајот на присутните им се обрати авторот на зборникот г. Благој Зашов.

Првиот том е посветен на периодот 1880 – 1900 година и се состои од 175 документи – доверлива дипломатска преписка и извештаи од романското Министерство за надворешни работи. Тој ја отсликува ситуацијата во Македонија по Берлинскиот конгрес и пред најавите за сериозно востание, подготвувано од Македонската револуционерна организација во Солун. Во тој период непрекинато се зборува за реформи во Македонија, на кои Османското Царство било обврзано според членот 23 од Берлинскиот конгрес. Во почетокот на овој период се случил и еден настан значаен за македонската историја: формирањето на Привремената влада на Македонија.

Првиот том од документите завршува со 1900 год. Во тој период романските дипломати биле многу информирани за активноста на легалните здруженија на Македонците во Софија, во време кога во Солун и во други градови и села ширум Македонија се дејствувало конспиративно. Дури подоцна, особено во 1901 година, за време на провалите во Солун и Битола, романските дипломати ќе почнат да јавуваат и за тајното организирање на Македонците внатре во Македонија.

Романија сакала да ги „открие“ Власите како сонародници на Балканот. Затоа праќала конзули во Солун, Битола, Јанина, Гравена, а подоцна и во Скопје. На ова прашање работеле и нејзините амбасади во Софија, Истанбул, Атина и Белград. Во извештаите што романските амбасадори и конзули ги праќале до кралот и до романското Министерство за надворешни работи можат да се најдат многу детални описи за ситуацијата во Македонија во тоа време. Овие информации, заедно со тие што можат да се најдат во извештаите на дипломатите на другите земји што имале дипломатско-конзуларни претставништва во Македонија, можат да послужат за составување на мозаикот за состојбите и за животот на Македонците од средината на 19. век и во почетокот на 20. век.

Објавените документи се доказ за интересот на нашата наука и на нашите две држави за историјата на Македонија во децениите кога таа била најподложна на странските пропаганди, кога се правеле подготовки за проширување на балканските земји за сметка на делови од Османското Царство, што се постигнало во балканските војни со Букурешкиот договор и во Првата светска војна со Парискиот мировен договор.

Најнови објави

Учество на состанок на Редакцискиот одбор на списанието на Историскиот архив на Пожаревац и работен состанок со потпретседателката на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS)

На покана на д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и уредник на

Дознај повеќе...