Во почеток на јуни 2018 година излезе од печат првиот том од зборникот „Романски дипломатски документи (1880-1900)“, издание на Државниот архив на Република Македонија. Редактор на овој зборник на документи е Благој Зашов.
Романската документација за историјата на Македонија е огромна, добро средена и лесно достапна за оној што сака да ја открива. Македонија како дел од Османското Царство ги привлекувала сите соседни земји за на нејзина сметка да се прошират и да ја остварат желбата секоја од нив да стане колку е тоа можно поголема. Трите балкански држави, соседи на регионот Македонија, кој според одлуките донесени на Берлинскиот конгрес одржан во 1878 г. заедно со регионите Албанија и Тесалија останал во рамките на Турската Империја, во периодот до балканските војни ќе се обидат да докажат дека им припаѓа на секоја од нив поединечно повеќе отколку на некоја друга. Затоа тие во почетокот во Македонија организирале свои пропаганди преку дипломатските и конзуларните претставништва, преку школите и црквите, а подоцна почнале да упатуваат и вооружени чети.
Уште од 1850 година за регионот Македонија, Епир и Албанија почнала да се интересира и Романија, која во тоа време сè уште била вазална држава на Османското Царство. Од денешна перспектива можеме да кажеме дека оваа земја играла значајна улога во историјата на Македонија. Романија вложила многу напори за реализирање на својата кауза. Поради тоа, покрај средствата за развој на романско образование меѓу влашкото население, таа ја покрила територијата на цела Македонија и со свои конзуларни претставништва. Романски конзулати имало во Солун, Битола, Јанина, а подоцна и во Скопје. Целокупната дејност на овие конзулати била насочувана од романската амбасада во Константинопол. Оваа амбасада е отворена во 1880 година, веднаш по донесувањето на Законот за легациите (1879), врз основа на кој романските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) добиле дипломатски статус во земјите во кои биле отворани. Поради својот основен интерес на романските надлежни органи во рамките на романската пропаганда во Македонија, најголемиот број документи се поврзани со школите и црквите што Романија ги организирала за Власите во Македонија и Епир. Во тоа море на документи мораше да се изврши селекција на оние документи што се поврзани со историјата на Македонија и на македонскиот народ. Тоа не беше лесно, дотолку повеќе што сите тие документи се во ракопис, факт кој понекогаш беше пречка да се преведе некој од нив, иако беше многу интересен. Документите во романските архиви главно се на романски, но има многу и на француски јазик, кој романските дипломати од тоа време добро го владееле, дотолку повеќе што најголемиот број од нив биле школувани во Франција.
Со оглед на обемноста на документацијата и нејзиното значење за дополнување на мозаикот за историјата на Македонија, во договор со директорот на Државниот архив се одлучив документите да бидат подготвени во томови според годините на нивното создавање. Првиот том е посветен на периодот 1880-1900 година. Овој период е значаен за да се види каква била ситуацијата во Македонија по Берлинскиот конгрес, а пред најавите за сериозно востание, кое го подготвувала Македонската револуционерна организација во Солун. Тоа е и период во кој постојано се зборува за реформи во Македонија, на кои било обврзано Османското Царство според членот 23 од Берлинскиот конгрес. Токму во почетокот на овој период се случил и еден настан кој е значаен за македонската историја: формирањето на Привремената влада на Македонија. Оваа едиција на романски документи впрочем и почнува со документот од романските архиви (извештајот на романскиот генерален конзул во Солун) што зборува за овој настан. Документот се споменува и во „Историја на македонскиот народ“, стр. 177, издание од 2008 г., а негова нецелосна верзија може да се најде и во книгата „Македонската лига и Уставот за државно уредување на Македонија 1880“ од Славко Димевски и др., Мисла, 1985 г.
Првиот том од документите завршува со 1900 година, период од дваесет години, во кој, покрај другото е создадена и ВМРО, односно ТМОРО во 1893 година, како и Врховниот македонски комитет (ВМК) во Софија. Романските дипломати, особено романскиот амбасадор во Софија, ќе бидат многу повеќе информирани за она што го прави ВМК, отколку романскиот генерален конзул во Солун за ТМОРО како тајна организација формирана токму во овој град. Тоа е и логично зашто во Софија Македонците биле организирани легално во здруженија, а во Солун и во другите градови и села ширум Македонија се дејствувало конспиративно. Дури подоцна, особено во 1901 година, за време на провалите во Солун и Битола, романските дипломати ќе почнат да јавуваат и за тајното организирање на Македонците внатре во Македонија.
Во романските документи, кога се зборува за составот на населението во Македонија, се споменуваат Бугари, Срби, Грци, Турци, Албанци и Романци. Тогаш националната припадност или расата, каков што термин се користел во тоа време, се определувала според тоа во која црква оделе луѓето или во чија школа ги праќале децата. На ваквата поделба особено инсистирала Цариградската патријаршија, која сите оние што доаѓале во нејзините цркви ги сметала за Грци. Таа била најглавното орудие на грчката пропаганда и за неа најважно било да го асимилира македонското население. Затоа таа упорно тврдела дека меѓу христијанското население во Европска Турција постојат само Грци, кои се во мнозинство, и бугарско малцинство, кое ги посетувало егзархиските цркви и учи¬лишта. Егзархијата и пречела на Патријаршијата во нејзината пропаганда за зачувување на доминацијата на грчкиот јазик, црква и образование и затоа дури врз неа фрлила шизма, која ќе ја симне многу подоцна кога Македонија ќе биде распарчена. Сепак во подоцнежните документи, што ќе бидат објавени во следните томови, ќе забележиме дека романските дипломати поимот Македонци прво ќе почнат да го ставаат во наводници, за непосредно по балканските војни да почнат тој термин редовно да го употребуваат во нивните извештаи.
И како резиме, пред крајот на овој вовед, би сакал да изнесам една констатација, односно едно видување за документацијата која сега се става на увид пред јавноста во Република Македонија. Мислам дека со оваа едиција на документи за историјата на Македонија ќе се пополни една празнина што досега се чувствуваше, особено меѓу редовите на македонските историчари. Ним сега ќе им биде овозможено компаративно да изучуваат некои настани и историски личности за кои се пишувало во една земја, која не била директно заинтересирана за судбината на народите што ја сочинувале Македонија, зашто немала и не можела да има директни територијални претензии.