profilnologoWEB

Отворање на изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, изработена од Историскиот архив на Пожаревац, збогатена со изложбената поставка со наслов „Македонската кинематографија (1947 – 1991)“, подготвена од Државниот архив на Република Северна Македонија и Кинотеката на Република Северна Македонија

Државниот архив на Република Северна Македонија во соработка со Историскиот архив на Пожаревац, Република Србија на 3 јуни (понеделник) 2019 година, во 12:00 часот во Кинотеката на Република Северна Македонија, ќе ја отвори изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“.

Оваа изложба е изработена од страна на Историскиот архив на Пожаревац и се состои од 64 паноа, со димензии (70см х 100см), на кои се претставени 180 постери, односно рекламни филмски флаери и претставува своевиден омаж на историјата на југословенскиот филм. Таа го следи развојот на домашната кинематографија, во тогашна ФНР Југославија, односно СФР Југославија, во периодот меѓу 1947 и 1980 година.

Со оваа несекојдневна изложба е презентирана една исклучителна збирка за југословенската кинематографија и филмовите се претставени хронолошки, притоа не делејќи ги на жанрови, ниту на авторски имиња, а претставен е и рекламен филмски материјал кој се однесува на воените филмови, социјалните и психолошките драми, екранизираните прозни остварувања, детскиот филм, мјузиклите, комедиите и сл.

Автори на изложбата се: д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и д-р Драгана Милорадовиќ Николиќ и г. Горан Митиќ, исто така вработени во Историскиот архив на Пожаревац.

Изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, премиерно била прикажана во март 2012 година во Белград, а од тогаш па до денес е прикажувана на повеќе места во Република Србија и секогаш предизвикувала голема заинтересираност.

На 3 јуни 2019 година оваа изложба за прв пат ќе биде прикажана надвор од Република Србија, а понатаму ќе биде презентирана и во останатите држави, произлезени од поранешната СФР Југославија.

Гореспоменатата изложба ќе биде збогатена со изложбена поставка со наслов „Македонската кинематографија (1947 – 1991)“, изработена од страна на Државниот архив на Република Северна Македонија и Кинотеката на Република Северна Македонија, која се состои од десет паноа, со димензии 70 см х 100 см, на кои ќе биде претставен архивски материјал за македонската филмска продукција во наведениот период, како и некои статистики околу работата на градските кина во Република Македонија.

За време на отворањето на изложбата ќе бидат презентирани сегменти од најзначајните македонски филмови и оригинални експонати поврзани со кинематографијата во Македонија, а истата ќе биде отворена во Кинотеката на Република Северна Македонија во периодот од 3 до 17 јуни 2019 година.

На отворањето на изложбата ќе говорат: г. Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Република Северна Македонија, д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац, г. Бојан Илиќ, претседател на Собранието на Град Пожаревац и г. Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Северна Македонија.

Најнови објави