Издавачката дејност на Државниот архив, својата библиотека ја збогати со 9 нови наслови кои веруваме дека ќе ја задоволат нескротливата жед на вљубениците во историјата и литературата на нашата држава. Станува збор за дела кои умешно и темелно обработуваат значајни теми кои дополнително ќе ја разгорат љубопитноста на читателите, а истите претставуваат своевидно истражување од богатата граѓа со која располага македонскиот државен архив.
Првиот наслов „Попис на занаетчии од Балканот во Истанбул (1902-1903)“ чиј автор е проф. д-р Драги Ѓоргиев ја обработува економската миграција на машкото работоспособно население од османлиските балкански територии кои брои близу 4000 лица, согласно османлискиот попис направен во 1902/3 година, идејата на оваа книга е да се види колкав бил размерот на економската миграциија од Балканскиот Полуостров само кон Истанбул во последната деценија од османлиската домина-ција и какво значење имал овој центар за егзистенцијата на голем број луѓе од еден многу широк регион.
Вториот наслов „Хроники на селата во Ениџевардарски, Воденско, Кукушко, Драмско, Леринско и Кoстурско,“ Том III, книга 1 и 2, чиј автори се д-р Катерина Мирчевска, д-р Димитар Љоровски и д-р Љубица Јанчева претставува продолжение на зборниците „Хроники на селата во Костурско“, том 1, книга 1 и 2, објавен во 2018 година и „Хроники на селата во Леринско“, том 2, книга 1 и 2, објавен во 2019 година и истиот е завршница на проектот „Хроники на населените места во делот на Македонија во Грција,“ станува збор за мошне интересни архивски извори од доменот на оралната историја што изобилуваат со податоци за повеќе аспекти од локалниот секојдневен, општествено-политички, културен живот на Македонците во Грција, но и на нивното учество во историските настаните во османлиска Македонија во периодот од крајот на 19. век до завршувањето на Граѓанската војна во Грција кон средината на 20. Век.
Третиот наслов „Петар Манџуков (1878-1966) и неговиот анархистички светоглед“ подготвен од редакција проф. Д-р Македонка Митрова, претставува продолжение на Зборникот на документи со наслов: „Петар Манџуков (1878-1966): анархист и критичар на едно совремие (публикации и писма)“ објавен во 2019 година. Обемноста и значајниот материјал изискуваше потреба од второ продолжение кое детално го истражува животот и делото на анархистот Петар Манџуков, кој спаѓа во една од неодминливите балкански историски личности кои зад себе оставиле богато публицистичко творештво. Оваа книга претставува своевидна ризница на неговата личност, дејствување и борба на една слободољубива генерација на интелектуалци кои го ризикувале својот живот за достигнување на човековите слободи и права. Вториот дел се фокусира на неговите литературни раскази и публикации, а особен акцент е ставен на неговата релација со бугарските општественици и колеги. Идејата на Манџуков дека анархизмот е многу повеќе од утописки сон, се сублимира во едно несомнено интересно четиво, кое ќе ви го држи вниманието до последната страница.
Четвртиот наслов „Балкански иконографии“ чиј автор е д-р Нано Ружин претставува продлабочена студија на проектот „Иконографии“, кој почна со претходно објавениот труд „Европската идеја и балканските иконографии“ објавен во 2014 година. Истиот се фокусира на продлабочување на анализата на феноменологијата на иконографија на балканските народи, балканската митологија, легенди, епови како основни штофови на иконографијата, а истите умешно ги срочува во богато дело кое несомнено е нераскинливо поврзано со националниот идентитет и нација. Авторот умешно создава еден вид на културолошко-политички колаж на „икони“ во кој игра со големите магови на масовната култура мешјаќи ги со југословенските трендови и дава осврт на т.н втор катастрофален земјотрес наречен Скопје 2014.
Петтиот наслов „65 години архив во Прилеп (1955-2020)“ во редакција на Елена Чаргоска претставува своевидно огледало на работата на Архивот во Прилеп, кој веќе 65 години се афирмира како важен темел на македонскиот иднетитет, самобитност и државност. СО својот богат културен и историски трезор со архивски фондови и материјали, овозможува домашните и странските истражувачи да имаат пристап до живописната ризница. Целта на оваа монографија е да се информира јавноста за работата и историскиот развој на институцијата , нејзината надлежност и задачи, но и со постигнатите резултати во својата дејност.
Шестиот наслов „Османлиски документи за историјата на Македонија пописи од XIX век, Скопски Санџак, Каза Скопје (1832/33)“ книга 1, дел 1 (на македонски и албански јазик) чиј автори се доц. д-р Аднан Шериф, проф. д-р Музафер Бислими, м-р Ирфете Ибраими, претставува продолжување на серијата серијата „Осман-лиски документи за историјата на Македонија, пописи од XIX век – за Скопски Санџак“, овој пат за Скопската Каза на Скопскиот Санџак (ејалет) во првата половина на XIX век, односно 1832/33 година, што всушност претставува продолжение на серијата почната од ДАРСМ од 2018/19 година за пописот на исламското население за Кичевската и Тетовската Каза во рамките на Скопскиот Санџак. Податоците претставени преку ова издание непосредно од османлиските власти, покрај демографските податоци, исто така опфаќаат мошне важни податоци од општ карактер токму како и во претходните изданија од овој период било да е за бројот на насе-лението или, пак, личните податоци на лицата кои го сочинувале наведеното домаќинство. Истовремено ова издание ќе претставува еден одличен поттик и причина повеќе за изучување на населението во Македонија од страна на сите сфери на науката.
Седмиот наслов „Романски дипломатски документи за Македонија (1901 – 1903)“ том 2, чиј автор е Благој Зашов претставува преглед на двесте години пред Илинденското востание, како и самиот пресврт во 1903 год. Токму затоа, документите собрани во ова дело се од огромно значење за македонската историја. Низ страниците на оваа книга, авторот умешно ги претсдтавува најважните настани од тој период како големите провали во Македонската внатрешна организација, силните настојувања на Врховниот македонски комитет од Софија да го преземе рако-водењето со ТМОРО, загинувањето на Гоце Делчев, солунските атентати и се разбира Илинденското востание. Несомнено, ова дело претставува интригантно и мошне интересно четиво како за истражувачите, така и за широката јавност.