Раководителот на Одделението на Државниот архив во Куманово, м-р Вулнет Исени, на 26 октомври 2022 г., оствари работна средба со претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, во просториите на Одделението при што беше разговарано за досегашната заедничка соработка меѓу двете институции.
Во изминатиот период архивски професионалци од Одделението на Државниот архив во Куманово учествуваа во средување судски архивски материјал кој го опфаќа периодот 1921-1946 година. Притоа беа преземени 75 архивски кутии од имотно-правен карактер и преостаната документација од судската практика кои ќе им користат во иднина на граѓаните кои имаат барање во Архивот. На средбата беше постигнат договор да продолжи поддршката на Одделението на Државниот архив со давање стручна помош за средување на судските архиви на документи настанати од 1947 до 1960 година. Државниот архив останува отворена институција за професионална соработка од која граѓаните ќе имаат полза за нивните потреби во делот на користење на архивскиот материјал.