Во рамките на меѓународната соработка, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески и раководителката на Сектор, Светлана Успрцова, во Мадрид имаа средби со д-р Севериано Хернандез Виченте, генерален директор на Дирекцијата на државните архиви на Шпанија и со д-р Хуан Рамон Ромеро Фернандез, директор на Националниот историски архив на Шпанија.
На овие средби стана збор за можностите за продлабочување на билатерална соработка, поточно за евидентирање на документите што се однесуваат за Македонија, а се наоѓаат во Архивите во Шпанија, како и за поддршка во процесот на дигитализација на архивските документи и материјали во нашиот Државен архив и негово вклучување во европските архивски проекти.
,,Држаните архиви на Шпанија процесот на дигитализација го имаат започнато први во светот, уште во 1995 година и нивното искуство е значајно за реализација на тој процес во нашиот Државен архив” – изјави по средбите директорот, д-р Емил Крстески кој додаде дека наскоро очекува од шпанските колеги да се добијат и копии од архивските документи што сведочат за учеството на 137-те Македонци во Интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936-1939), кои се бореле на страната на Републиката, од кои 65 загинале на боиштата.
На средбите и разговорите во Историскиот архив на Шпанија во Мадрид, на кои учествуваше и нашиот амбасадор во Кралството Шпанија, Оливер Крлиу, стана збор и за поддршката на шпанската влада за нашето целосно интегрирање во Европската унија, со која тие ќе претседаваат во втората половина од оваа година и на чија агенда високо се поставени процесите на дигитализација на администрациите во општествата, вклучително и на државните архиви, за што ќе се создадат и посебни фондови. Амбасадорот, Оливер Крлиу посебно ја нагласи и соработката на двете земји во рамките на Медитеранската унија.