Патувачката изложба „Македонија памети – никогаш да не се заборави“, која раскажува за депортацијата на македонските Евреи пред 80 години, на иницијатива на Државниот архив од вчера е поставена во градот Штип. Во уметничката галерија „Безистен“, пред присутните граѓани и почитувачи на историското минато изложбата беше промовирана од авторите: д-р Јасмина Дамјановска од Државниот архив, д-р Александар Манојловски од Институтот за национална историја и раководителот на Одделението на Државниот архив – Штип, Марио Паризов.
Во своите говори тие се осврнаа на овој трагичен момент од нашата поблиска историја каде што настрадаа и околу 600 штипски Евреи. Минатиот месец градот Штип беше посетен од Шела Алтарац, некогашна жителка на овој град која сега живее во Израел и која е единствена преживеана и спасена од депортацијата. Изложбата изобилува со над 200 фотографии и документи кои се поделени тематски. Граѓаните на Штип имаат можност да ја посетат изложбата во уметничката галерија, а ќе биде поставена до 14 април 2023 година при што раководителот Марио Паризов упати апел до училиштата да организираат посети на ученици.
На настанот присуствуваше директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.