Меѓународното афирмирање на македонското културно-историско минато и зацврстувањето на соработката со архивските институции од државите членки на Европската Унија е во приоритетите на Државниот архив. На иницијатива на директорот, д-р Емил Крстески денес во посета на Државниот архив беше амбасадорката на Романија, Н.Е. Адела Моника Аксинте со која остварија работна средба на која двајцата присутни ги потврдија добрите односи меѓу двете држави и блискоста на двата народа при што акцентот на разговорот беше на иницијативата за потесна соработка со Националниот архив на Романија. Директорот д-р Емил Крстески накусо го презентираше историјатот на архивската дејност во нашата држава, како и организациската поставеност на Државниот архив денес.

Динамиката на работа и постигнувањата на Државниот архив во изминатиот период беа потенцирани во разговорот со амбасадорката, како и презентацијата на идеи кои ќе придонесат за интензивирање на заедничката соработка. Директорот д-р Емил Крстески посочи дека е заинтересиран за склучување нов договор за соработка со Националниот архив на Романија при што ја очекува поддршката на амбасадорката Аксинте во тој правец. Поставувањето на изложбата посветена на животот и делото на браќата Манаки во Букурешт би било чин на промовирање на дејноста на овие великани кои имаат регионално значење. Директорот д-р Емил Крстески во разговорот се осврна и на проектите кои Државниот архив тековно ги реализира со архивите од соседството.
Размената на архивски материјали, подготовка на заедничка публикација од македонско-романските историски врски, како и одбележувањето на 30- годишнината од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу двете држави беа дискутирани од амбасадорката Аксинте и директорот д-р Емил Крстески како можности за реализација на идни проекти.
