511-512a

Промовирана дигиталната изложба „Падот и подемот на Скопје“ 

Архивската документација е најголем сведок за катастрофата што му се случи на Скопје и скопјани тоа рано утро на 26 јули 1963 година. Низ документите и фотографиите се наѕираат тажните факти за земјотресот кој за само дваесет секунди остави зад себе урнатини и одзеде многу човечки животи. За одбележувањето на 60-годишнината од овој трагичен настан, вредните архивисти од Државниот архив ја подготвија дигиталната изложба „Падот и подемот на Скопје – преку фотообјективот на Киро Георгиевски, Градско собрание на град Скопје“ за одблиску да го прикаже Скопје пред и по земјотресот. Настраданите населби, згрижувањето на луѓето, посетите на државните делегации и обновата на градот се дел од многуте содржини на изложбата која ќе ги разбуди спомените на постарите генерации, а младите луѓе ќе се сретнат со меморијата за тоа пресвртно време за Скопје.

Дигиталната изложба беше промовирана денес во Музеј на современа уметност во рамки на манифестацијата „Скопје во пет и седумнаесет“ на Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија. На настанот се обратија, претседателот на Републиката, д-р Стево Пендаровски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Кшиштоф Гжелчик, во присуство на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, претставници на дипломатскиот кор и многубројни гости од општествено-политичкиот живот. Фотодокументацијата на фотографот Киро Георгиевски, професионален фотограф од Градското собрание, ќе остане непроценлив извор за историјата на „градот на меѓународната солидарност“, а севкупното документарно наследство кое го чува Државниот архив  е стожер во реконструкција на историските настани.

1 1
363411642 595788146046092 6613976733400093482 n
2 1

Најнови објави