Заменик-директорот на Државниот архив, проф. д-р Музафер Бислими, и државниот советник, доц. д-р Аднан Шериф, од 29 октомври 2023 г. се во работна посета на Република Турција при што се состанаа со заменик-претседателот на Директоратот на државните архиви при претседателството на Република Турција, г. Себахатин Бајрам.
На состанокот беа прецизирани деталите околу проектот „Македонија во документацијата на Османлиската Држава“ на кои работат работни групи од двете институции веќе подолго време. На научната и пошироката јавност во двете држави во текот на 2024 г. ќе ѝ бидат претставени архивски материјали преку изложба кои досега не се популаризирани. Османлиското архивско наследство е меѓу клучните извори за историјата на Балканскиот Полуостров, вклучително и на Македонија.Проф. д-р Музафер Бислими како предводник на стручниот тим кој работи на изложбата од Државниот архив нагласи дека поддршката од Директоратот на државните архиви за истражувачите од Република Северна Македонија е многупати потврдена и се заблагодари за отворениот пристап.
Во рамките на посетата на Република Турција, претставниците на Државниот архив спроведуваат и опсежно научно истражување со кое ќе се збогати содржината на архивските фондови.