Државниот архив на Битола одбележува седум децении посветена работа за зачувување и заштита на богатото историско наследство. За одбележување на годишнината во соработка со EUROPE HOUSE Битола, ќе се одржат серија активности и настани во Офицерски дом – Битола.
Агенда:
- 11.45 – Прием; изјави за медиумите
- 12.00 – Воведни зборови на претставници на ДАРСМ
- 12.15 – Промоција на монографија „БИТОЛСКИ АРХИВСКИ ХРОНОТОП: 70 ГОДИНИ АРХИВ БИТОЛА“ и дискусија со авторите
- 12.45 – Архивски форум
- 13.00 – Коктел
Во јубилејната монографија првпат аналитички и дискурзивно се опфатени основните столбови на архивската дејност, како и важните искуства на плејадата архивски работници кои работеле во институцијата, од 1950-тите до денес. Публиката ќе има можност да се запознае со развојот на архивската дејност, научноистражувачката дејност, комеморативната функција на архивот и принципите за заштита на архивскиот материјал – доловени низ рецентните искуства за дигитализација на архивското наследство на фондот „Браќа Манаки”.
Во архивскиот форум сакаме да ги поканиме гостите и публиката на продлабочена дискусија за улогата на архивите во заедниците и важноста за локалната историја и култура. Организаторите на настанот ставаат посебен акцент на аспектот на искуствата на архивистите и практиката во архивската дејност, низ чија призма ќе бидат разгледани сите наведени теми.
Настанот е особено релевантен за општествените чинители од областа на културата, науката и образованието: професионалци и архивисти, претставници на релевантните институции, претставници на меѓународната заедница, едукатори, студенти, средношколци, претставници на културата и граѓански сектор, претставници на Општина Битола и локалната самоуправа, локални историчари и претставници на медиумите.
За повеќе детали околу настанот, следете нè на социјалните мрежи https://www.facebook.com/drzhavenarhivbitola
Ги информираме претставниците на меѓународната заедница дека настанот ќе биде на македонски јазик.