Вчера, Одделението на Државниот архив – Битола го одбележа седумдесетгодишното постоење, во Офицерскиот дом во градот Битола. На настанот свое обраќање имаше в.д. директорот на Државниот архив, м-р Христа Најданов, германската амбасадорка, Н.Е. Петра Дрекслер, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и раководителот на Одделението, Гоце Стојановски.
Воедно на настанот беше промовирана и монографијата насловена „70 години битолски архивски хронотоп“ подготвена од архивски професионалци при што беше промовирана од рецензентот, д-р Јасмина Дамјановска. Гостите на свечениот настан беа запознаени со минатото и развојот на Одделението низ децениите во дискусијата водена во рамките на архивскиот форум.
Одделението во Битола располага со една од најголемите фотографски колекции, фондот на браќата Манаки, најголема дури и на Балканот, а можеби и една од поголемите во Југоисточна Европа. Покрај тоа, располага со 1.070 фондови и збирки од различни периоди. Најстарите документи датираат од периодот меѓу 13 и 14 век, што е вистински куриозитет.
Државниот архив и неговите одделенија во целата држава остануваат чувари на културно-историското и документарното наследство со изградено реноме.