Државниот архив се вклучи во одбележувањето на Меѓународната недела на архивите така што во Домот на армијата во Струмица вчера беше отворена изложбата „Милтон“ во организација на Одделението на Државниот архив – Струмица. Во присуство на архивски професионалци и многубројни почитувачи на историското минато, на отворањето се обрати Горанчо Колевски, раководител на Одделението на Државниот архив – Струмица, како и Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив – Битола, Димитар Ѓоргиевски, архивист од истото одделение, како и д-р Јасмина Дамјановска, раководител на Одделението за публикувањето архивски материјал, кои се едни од авторите на изложбата. На настанот беше прикажана дигитална изложба, која тематски и хронолошки го обработува фотографското творештво на Милтон Манаки. Говорниците во своите обраќања повикаа на почитување на достигнувањата и професијата на архивистите.
Во рамките на Меѓународната недела на архивите, која се одбележува на меѓународно ниво од архивите, архивистите и Меѓународниот архивски совет, архивските професионалци од Одделенијата на Државниот архив од Велес, Битола и Скопје го посетија Одделението Струмица и комплексот при црквата „Свети 15 тивериополски маченици“.
Архивистите од нашата држава остануваат сплотени во намерата да се развива архивската дејност и да се истакнува значењето на архивите во современите општества и во иднината.