Проучувањето на историјата на македонската држава, народ и емиграција која постои во европските држави претставува посебен интерес на Државниот архив. Во тој правец е значајно проширувањето на меѓународната соработка со странските архиви и субјекти кои се вклучени во архивската дејност, особено во делот на размена на архивски извори.
Денес, директорот на Државниот архив, д-р Наташа Котлар-Трајкова и д-р Даниел Долежал, застапник на Одделението/Одделот за архивско и канцелариско работење при Министерството за внатрешни работи на Република Чешка, потпишаа Меморандум за разбирање. На потпишувањето присуствуваше и чешкиот конзул, г-н Квјетослав Сулек – раководител на економскo-конзуларното одделение на амбасадата на Република Чешка, и заменик-директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески. Со овој документ се отвораат можности за размена на стручно знаење, обуки на специјалисти, организирање програми за научни истражувања, размена на копии од архивски материјали итн. Меѓу двата народи постојат историски врски и оваа меѓуинституционална соработка е во прилог на нивно зацврстување.
Интересот на Државниот архив за чешките извори за историјата на Македонија не е нов, имено во периодот од 2006 до 2010 година беа објавени четири тома „Чехословачки дипломатски документи за Македонија“, кои се однесуваат на периодот 1919-1989 година.
Во рамките на посетата на Државниот архив, на чешката делегација ѝ беше претставена изложбата за Браќа Манаки, начинот на обработка на фондовите како и архивска документација од значајни архивски фондови.
















