Поврзувањето на архивистите, библиотекарите и музејските работници е тенденција во балкански и европски рамки. Во таа смисла, на 28 и 29 мај 2025 година во Цетиње, Република Црна Гора, се одржа Петтата конференција на библиотекари, архивисти и музеалци – ЛАМ 2025, на тема: „Трансформација на библиотеките, архивите и музеите во (пост)дигиталното опкружување со фокус на заштитата, достапноста, истражувањето и промоција на културното наследство“.
На конференцијата присуствуваа архивистите Филип Ристески и Душко Петкоски од Државниот архив – Одделение Прилеп, кои имаа можност да споделат искуства и знаења во дискусиите. Конференцијата преку изнесените трудови ја истакна видливоста на културното наследство со помош на користење нови технологии, а во таа смисла и архивските фондови кои спаѓаат во движно културно наследство. Неизоставно, експертите од неколку балкански земји на настанот посочија примери од практиката и идеи за натамошна соработка. За младата генерација на професионалци ваквите иницијативи се можност за унапредување на нивната работа. Организатори на конференцијата беа Националната библиотека на Црна Гора „Ѓурѓе Црнојевиќ“, Државниот архив на Црна Гора и Народниот музеј на Црна Гора.




