Во согласност со правилникот за публикување бр. 01-1915/1 од 17.7. 2025 година, Државниот архив објавува повик за прибирање предлози за публикување во 2026 година
Напомена: Предлозите да се доставуваат исклучиво на електронска пошта publikuvanje@arhiv.gov.mk или во архивата на Државниот архив
Публикувањето архивски материјал и научноинформативни средства претставува важна функција на Државниот архив на Република Северна Македонија. Притоа Архивот се ориентира кон објавување архивски материјал што е од значење за историјата на македонскиот народ и Македонија. Во рамките на издавачката дејност се издаваат публикации „за поширок круг научни работници и истражувачи, со цел да се задоволат потребите од верна репродукција на оригиналот, но и за јасност и разбирливост на текстот“. Тоа се критериуми што се сметаат за општоприфатени во светот.
I Насоки при поднесување на предлозите
1. Комисијата за издавачка дејност ги зема предвид за разгледување следните видови публикации:
– публикации кои обработуваат стручни архивски теми;
– монографии, односно рецензирани публикации што исцрпно и сеопфатно
-обработуваат одреден настан, проблем, прашање, тема или личност од историјата на Македонија;
– зборници на документи кои потекнуваат од архивските фондови на Државниот архив или од фондови од странските архиви кои имаат исклучително значење за историјата на македонскиот народ;
– стручни и периодични публикации од областа на архивистиката и
– други видови публикации кои се наведени во член 2 од Правилникот за публикување на Државниот архив.
2. Содржина на предлогот
– потребно е да се пополни Образец за предлози за публикување објавен со повикот во Word-формат на веб-страницата www.arhiv.mk. Образецот да биде пратен во скенирана форма и потпишан од авторите и во него задолжително да се наведат граничните години на материјалот што ќе се публикува. Во однос на приближниот обем на материјалот да се наведе број на авторски табаци така што 1 авторски табак одговара на 30.000 карактери со растојание меѓу зборовите;
– доколку ракописот е подготвен, може да се прати заедно со Образецот.
3. Рок за доставување на предлозите
Рокот за доставување на предлозите за публикување е до 20 октомври 2025 година. Предлозите примени пред рокот и по истекот на рокот нема да се разгледуваат од Комисијата за издавачка дејност.
4. Дополнителни информации
– Авторите кои поднеле предлози за публикување се известуваат писмено за прифаќањето или одбивањето на нивните ракописи најдоцна до 5 ноември 2025 година. Временска рамка за подготовка на публикацијата која ќе биде прифатена е до 31 март 2026 година. Предлог за публикување до Комисијата за издавачка дејност при Државниот архив поднесува автор/автори (редактор/редактори). На повикот за публикување немаат право да се пријавуваат автори на кои во претходната година им биле отпечатени ракописи за публикување во Државниот архив. – Државниот архив определува по двајца рецензенти за секој прифатен ракoпис. По предавање на ракописот и по добивање позитивна рецензија за него, Државниот архив склучува договор со авторите и одлучува дали публикацијата ќе биде објавена само во печатена форма, само во електронска форма или и во печатена и во електронска форма.
II Насоки при изработка на публикациите (според Упатството за подготовка на текстови достапно на веб страницата во делот Македонски архивист)
1. При подготовката трудовите треба да се работат во електронска форма со македонска поддршка во некоја од програмите на МЅ Word, снимени во формат на документ ( **.doc). Задолжителна е употребата на фонтот Times New Roman. Во текстот големината на буквите е 12 точки, а проредот 1,5. Во фуснотите големината на буквите е 10 точки, а проредот најмал (single). Доколку трудот не е уреден според насоките, тој нема да биде прифатен, само целосно среден текст во Word е дозволен за понатамошна постапка во Архивот.
2. Доколку при изработка на публикацијата се користи материјал на странски јазик, авторот/редакторот е должен да ја предаде публикацијата преведена на македонски јазик, при што трошоците за превод се на авторот/редакторот;
3. Доколку при изработка на публикацијата се користи архивски материјал што не е депониран во Државниот архив на Република Северна Македонија, авторот/редакторот е должен да предаде копија во електронска или во печатена форма во Државниот архив.
Авторот, односно редакторот го предава на Комисијата ракописот во уредно испишана форма (изработени фусноти, белешки, фотографии, регести на лични имиња, регести на географски поими, кратенки и сл.), во печатена или во електронска форма со македонска поддршка, во рокот одреден во повикот за прибирање предлози за публикување.
IV. Достава на предлозите
Обрасците за публикување во скенирана форма треба да бидат пратени на следната адреса: Државен архив на Република Северна Македонија,за Комисијата за издавачка дејност, кеј „Димитар Влахов“ бр. 19, 1000 Скопје, или во електронска форма на следната електронска пошта: publikuvanje@arhiv.gov.mk.