Директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, денес присуствуваше и се обрати на свеченото доделување сертификати за ментори за практично образование на учениците од стручните училишта. Настанот, организиран со поддршка на Центарот за развој на стручно образование и УНИЦЕФ, беше посветен на унапредување на практичната настава, размена на добри практики и признавање на улогата на менторите во процесот на учење преку работа.
Во своето обраќање, директорот Богески ја истакна заложбата на Државниот архив да остане целосно отворен за соработка со стручните училишта, овозможувајќи им на учениците безбедна, професионална и структурирана средина во која можат да развиваат реални вештини и компетенции.
Тој нагласи дека Архивот веќе неколку години активно го поддржува моделот на учење преку работа, при што голем број ученици имаат можност да се запознаат со архивистичката практика, дигитализацијата на документи и управувањето со институционалната меморија.
„Инвестирањето во младите претставува вложување во идната работна сила, во развојот на млади професионалци и во зајакнување на јавните служби со нови генерации што ја разбираат важноста на документацијата, транспарентноста и зачувувањето на културното и историското наследство“, истакна Богески.
На крајот, тој упати посебна благодарност до менторите од Државниот архив и до сите институции што учествуваа во програмата, нагласувајќи дека нивната работа е од непроценливо значење за квалитетната практична обука и професионалниот развој на младите.




