1000016440

Три децении плодна соработка помеѓу Државниот архив и Архивите на Република Турција

Соработката помеѓу Државниот архив и Генералната дирекција на Државните архиви на Претседателството на Република Турција, претставува еден од најзначајните сегменти во меѓународната активност на нашата институција. Ова партнерство, кое трае повеќе од три децении, не е само административна размена, туку претставува „жив мост” што ја поврзува заедничката историја, култура и меморија на двата народа.

Во рамките на континуираната соработка, делегација на Државниот архив предводена од директорот м-р Димитар Богески, заедно со државниот советник    м-р Емилија Роп, раководителката на Сектор Светлана Успрцова и државниот советник д-р Аднан Шериф, престојува во службена посета на Архивот во Истанбул. На работната средба присуствуваше и г. Диме Ратајкоски, директор на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул.

Темелите на оваа соработка се поставени уште во почетокот на 90-тите години, овој континуитет продолжи со Договорот за соработка од 15 април 2004 година, кој овозможи размена на експерти, копии од архивски документи и реализација на заеднички изложби. Особено значаен чекор беше направен во 2012 година со потпишувањето на Договорот за дигитализација на документи од османлискиот период, со што се отворија нови хоризонти за истражувачите.

Како резултат на ова пријателство, Државниот архив денес поседува исклучително вредна документација од османлискиот период, вклучувајќи збирки од пописни дефтери, сиџили, фермани, берати, вакафнами и бујурулдии кои сведочат за општествено-економскиот живот во Македонија низ вековите.

Еден од најважните плодови на оваа соработка е отворањето на Центарот за дигитализација и новите простории на Одделението за средување и обработка на архивски материјал – Османлиски период, на 3 октомври 2022 година. Овој проект, реализиран преку донација од ТИКА (Турска агенција за координација и соработка), овозможи модерна заштита и поголема достапност на историското граѓа за научната јавност.

На 27 јуни 2024 година, во Истанбул беше свечено отворена изложбата „Документи и фотографии за Македонија во Османлискиот период”. Изложбата, составена од 34 паноа и 136 документи, предизвика голем интерес кај јавноста. Беше промовирана и публикацијата „Османлиски документи за историјата на Македонија, пописи од првата половина на 19 век (1831/1833)”, од доц. д-р Аднан Шериф, државен советник во Државниот архив, кој во континуитет врши истражувачка работа во Османлискиот архив во Истанбул.

Државниот архив останува посветен на продлабочување на ова партнерство, верувајќи дека архивите не се само чувари на минатото, туку институции кои преку образование, дигитализација и заеднички проекти градат иднина за новите генерации истражувачи.

1000016440
1000016439
1000016443

Најнови објави